1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Театарот во кој без лична карта не може да влезе ни Клуни

Кремот на филмската бранша еднаш годишно се собира во славниот театар на Холивуд Булевар-на доделувањето на Оскарите. Безбедносните мерки се огромни. Во театарот е можно да се влезе и како обичен смртник, но не секогаш.

Без документ за идентификација на свеченоста на доделување на Оскарите не може да влезе никој, па ни Џорџ Клуни! Тој имено еднаш дошол без документи на доделувањето и луѓето задолжени за обезбедување персонал не го пуштиле. Немало што да се прави - асистентот на Клуни морал да седне во автомобил и да ја донесе неговата лична карта. Само така актерот можел да влезе во „светиот храм“ на Холивуд Булевар кој до неодамна се викаше Театар Кодак, а сега, поради стечајот на фирмата, има ново име - Холивуд и Хајленд Центар. Така барем вели Џулиса Смит која води туристи во обиколка на славниот објект. Во него обичните смртници за 15 долари можат да влезат секој ден од 10:30 до 16:00 часот, освен на еден месец пред доделувањето на Оскарот. Месец во кој владее лудило.

Од Смит и нејзините колеги може да се слушне и зошто без лична карта нема влез во театарот - секогаш наново се случува некој кој многу личи на славните ѕвезди да се обиде да се „прошверцува“ на свеченоста на Оскарите. Затоа сите гости, а нив ноќта на доделувањето ги има околу пет илјади, мора да минат низ безбедносна проверка.

Не може секој да го влече Спилберг за ракав

Кога конечно ќе стигнат до црвениот тепих, ѕвездите таму застануваат во просек по половина час, смешкајќи се на големиот број фотографи и камери и давајќи куси интервјуа. Потоа патот ги води покрај големата статуа на Оскар и скалите кои водат на првиот кат. Таму завршува црвениот тепих, картите се скенираат и гостите добиваат програма на свеченоста. Приватни фотоапарати, како што вели Смит, не се дозволени, ниту на номинираните за Оскар. Црвениот тепих потоа го заменува тепих во кафеавкаста-крем боја кој води или кон балкон, или во приземје, кое е резервирано за најважните од најважните. На почетокот на тие скали се врши уште една проверка за да се спречи баш секој гостин да може да си помуабети, на пример, со Стивен Спилберг, вели Смит.

Скапо, поскапо, најскапо...

Schauspieler Billy Crystal

Били Кристал ќе ја води свеченоста на доделување на Оскарите

Скалите кои водат кон супер ВИП-паркетот се дизјанирани посебно за доделувањето на Оскарите - тие се широки и ниски за дамите во тесни фустани да можат да се спуштат елегантно. По доделувањето на наградите, ноќта на Оскарите ни оддалеку не е завршена. „Потоа се одржуваат различни забави“, објаснува Смит. Меѓу нив е службениот оскаровски „Governors Ball“, на горниот кат од театарот. Свеченоста на доделување на Оскарот се подготвува девет месеци, а самата сала се уредува две недели. Целата приредба е многу скапа. „Една свеченост чини околу 30 милиони долари“, наведува туристичкиот водич Смит. „Governors Ball“ чини уште повеќе. Колку, тоа го знаат само организаторите!

Автор: Дуња Драгојевиќ / Е. Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски