1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Теарце - симбол за заедништво

Теарце е општина каде Албанците се доминантно мнозинство. Жителите велат дека соживотот е добар. Проблеми им создаваат комуналните прашања.

default

Заеднички до решение на порблемите во тетовскиот крај

Селска општина со 13 населени места и 22 илјади жители - 19 илјади Албанци, три илјади Македонци, 700 Турци и помал број Роми и припадници од другите етникуми, тоа е Теарце денес.

„Во статутот на локалната самоуправа се уште не е вграден механизмот на Бадинтер против етничките надгласувања, но се планира перспективно и тоа да се направи,“ вели градоначалникот на Теарце, Исен Асани. Тој објаснува како функционира комуналниот Совет: „Овде, на локално ниво, нема поделба според етничка основа. Седниците на Советот се одржуваат на албански, со превод на македонски јазик. Имаме соработка со сите советници. Проблемите со кои се соочуваме ги решаваме со консензус. Јас им излегувам пресрет на сите етникуми.“

„Имаме муабет – немаме конфликти“

Теарце е типична македонска општина со најголем број од жителите, кои ја обезбедуваат се’ потешко егзистенцијата. Но, сите имаат еден заеднички капитал – настојувањата за мирен соживот. Во анкетата тие велат: „Добро е да се живее овде во Теарце, идилично е, но комуналните проблеми не се решени.“; „Живееме убаво со Македонците, а и тие со нас. Тоа е најважното – мир да има.“ ;„Имаме муабет, добро сме. Не можам да се пожалам, само што, ете, луѓето се без работа.“; „Јас имам сендвичарница: сите се дружиме тука, разговараме. Сите доаѓаат и Роми, Албанци, Турци ... сите.“; „Има разбирање: еве, градоначалникот, на пример, оди постојано кај Македонците во моето село Доброште, од каде што е и тој самиот. Навистина, има добар соживот.“; „Со Албанците сме живееле постојано добро. Жените наши оделе на поле и никој не ги задевал, но и нивните никој. Цел живот сме живееле добро. Па и сега е така, не сме имале конфликти меѓу себе.“

Перо Ристовски од Советот на Месната заедница во Теарце се осврнува на истата тема, но, и со одговор на прашањето: дали сега има поголеми ефекти од поголемата застапеност на Македонците во Советот на општината, каде што за прв пат ги има петмина? : „Нема меѓунационални проблеми. Односите се на висина. Националната застапеност не е многу важна во случајов: и едните и другите се, веројатно, малку активни, за да ги решат комуналните проблеми, кои се заеднички.“

Решавање на комуналните проблеми со заеднички активности

Градоначалникот Асани нагласува: „Заеднички на теренот, каде што постојат проблеми, без разлика на националност. Има разбирање, луѓето се организираат самите, за да ги решат проблемите. Конкретно, со патишта, со вода за пиење. Сега е време за наводнување на нивите и ги решаваат проблемите и околу тоа заедно. Такви се пет – шест села. Глоѓи, Доброште,

Непроштено ... “.

Патот не води до центарот на ова населено место, а таму се издигаат во градба два симбола на едно заедништво. Елим Неим, претставник на турскиот етникум за првпат во постоењето во Советот на оваа локална власт, нагласува: „Во Теарце, еве, каде што се наоѓа црквата спроти неа е и џамијата. Тука се наоѓа и општината. Значи, во центарот на селото сите вери се претставени. Имаме еден меѓуверски и меѓуетнички баланс. Значи, ова е она што укажува на тој соживот и соработка. Имаме позитивна енергија, што се однесува до верите и меѓуетничките односи во селото.“

Заминуваме од оваа општина и од нејзиниот административен центар. Луѓето остануваат секој со своите грижи во секојдневната живејачка, но и со свеста дека барем меѓусебното разбирање и соработка се предуслов за заедничкиот опстанок.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковка