1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тврдоглаво лоцирани во паралелни светови

Политичките непријателства по оружениот конфликт во 2001-ва полека се залекуваат, но и натаму постојат тензии. Различните етнички заедници остануваат поделени, се вели во извештајот „Граѓански засновани анализи“.

default

Двата главни етникума – Македонците и Албанците - остануваат тврдоглаво лоцирани во паралелни светови, гласи еден од најважните заклучоци, содржани во најновното издание на извештајот насловен „Граѓански засновани анализи“, кој е проект на тим експерти на Штуловиот универзитет во Тетово и други академски средини, како и на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.

Меѓуетничките тензии се произведуваат на централно, не на локално ниво

Ризван Сулејмани, член на Уредувачкиот одбор на овој истражувачки проект, информира за една од клучните констатации произлезени од анкетата со дури 3000 испитаници, од сите региони во Македонија: „Мислењето на граѓаните е дека на централно ниво се произведуваат етничките тензии, а дека тоа во помала мера се случува на локално ниво, затоа што на локално ниво луѓето имаат повеќе можности за комуникација.“

Според Мирјана Малеска, професорка по политички науки и експерт за меѓуетнички односи „јазот меѓу етникумите го создаваат и политичкиот систем и самиот Рамковен договор.“ Таа дополнува: „Промените на политичкиот систем, кои произлегоа од Рамковниот договор, во суштина, ја институционализираа поделбата на

Mazedonien Aracinovo Dorf in Mazedonien in der nähe von Skopje

Македонија, како етнички поделено општество: имаме по етничка основа претставување, имаме застапување...“

„Националните политичари и партиите ги подгреваат тензиите и стравот од конфликт“

Истражувањето „Граѓански засновани анализи“ покажа дека многу луѓе сметаат дека „националните политичари ги влошуваат меѓуетничките односи.“ Исто така и дека „,веројатно и политичките партии, вдадени во остварувањето на своите тесногради политички цели, ги потхрануваат меѓуетничките тензии и стравот од евентуален етнички конфликт.“

Ризван Сулејмани, кој е извршен директор на невладината организација Институт за политички и интеркултурни студии, посочува: „Владата нема стратегија како да ја воспостави основната комуникација меѓу обичните луѓе, обичните граѓани.“

Професорката Малеска воспоставува сооднос меѓу Рамковниот договор и обврската на политичките елити на планот на подобрувањето на интеретничките релации и вели: „Овој договор е само рамка, а ние со нашата волја треба да ја исполниме. Рамковниот договор е договор во врска со кој политичките елити треба да се договараат, ако имаат волја за тоа. Значи, од нас зависи дали сакаме, или не сакаме да живееме заедно.“

Mazedonien Aracinovo Dorf in Mazedonien in der nähe von Skopje

Според тимот истражувачи, кои работеа на проектот, во земјата, како целина, 70 отсто од населението чувствуваат дека „има некакви или големи тензии меѓу етникумите“. Се констатира дека „е се‘ уште голем потенцијалот да дојде до ескалација на сериозни етнички мотивирани инциденти и оти поларизацијата на граѓаните по етничка линија, особено кај младите, создава простор за сериозна загриженост“.

„Потребни се програми за интеретничка комуникација и интеграција во училиштата“

Аналитичарот Ризван Сулејмани посочува еден пример како да се започне надминување на ваквите состојби: „Да има, на пример, програма каде што учениците Албанци од Тетово и Гостивар би отишле, да речеме, во Струмица и во Гевгелија да комуницираат со своите врсници, но и обратно: дел од тамошните ученици да дојдат во албански средини, да видат дека и нивните врсници во тие средини имаат исти соништа и животни планови, да видат дека се тоа заеднички нешта.“

Сепак, се наведува дека постојат и „многу знаци на меѓуетничка соработка на локално ниво со релативно високи рамништа на меѓуетнички деловни односи во Полошкиот и Скопскиот регион, што треба да се поддржи со мерки на тамошните локални самоуправи и од централната власт“. Со, би рекле, и една посебна препорака на истражувачите од проектот „Граѓански засновани анализи“ до националните политичари да бидат поодговорни во нивните политички говори и изјави, да покажат поголем квалитет на водењето на државата и да обрнат поголема грижа на младата генерација преку поттикнување на етничката интеграција во мешаните училишта.


Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска