1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Твитер „се замеша“ во јавното информирање

Интернетот отвори шанси, во информирањето на пример настанува еден паралелен систем, со кој се бришат границите меѓу професионалното новинарство и новото, лаичко репортерство. Тоа носи предности, но покажува и слабости.

default

Твитер

Се случува ли некаде нешто, веќе по првите вести, јато новинари од агенции и весници, од радио и телевизија се впуштаат во собирање на сите достапни информации, за потоа да ги емитуваат вклопени во целосни извештаи. Во поново време им се придиружуваат и претставници на вистински нов еснаф - оние, кои преку мобилен интернет во целиот свет испраќаат нефилтрирани впечатоци од настанот, таканаречени „твитери“. „Твитер е еден вид ес-ем-ес служба во интернет. Таму може бесплатно да се праќаат кратки вести, максимално до 140 знаци. Тоа значи, си седам дома и во порака на мобилниот телефон пишувам со што се занимавам во тие моменти. Тоа истовремено можат да го дознаат илјадници луѓе - ова е вообичаената приказна за она што се прави во твитер“ - објаснува интернет-новинарот Јерг Брунсман.

Масовна примена на новото средство за комуникација

Постапката воопшто не е нова, но очигледно прво беше потребно време за да се пробие, а потоа потребен е и некој исклучителен настан, за новото средство на комуникација да најде масовна примена.

Но, колку се сигурни таквите информации? Со оглед на многубројните погрешни вести во интернет, скепсата е оправдана. „На твитер има многу ѓубре, но тој нуди и енормни шанси и можности, на пример навистина актуелно да се известува од места, кои се токму во фокусот на случувањата“, укажува Брунсман.

Facebook Twitter Logo

Како пример го наведува случајот со крвопролевањето во Виненден. „Имаше една корисничка, пријавена кај твитер, која слушнала од познаници дека во градот, во кој работи, некој споулавен прави масакр и за да ги предупреди пријателите напишала да не се доаѓа в град.“

Така, несакајќи станала ѕвезда - како репортер известила побрзо, и како што изгледаше, поавтентично од професионалните новинари, кои веднаш почнале да ја бараат. „Таа во случајов беше толку мудра, што на претставниците на печатот им рече дека ни самата не знае што се случува, дека воопшто не го познава споулавениот и побарала да ја остават на мир, оти е оддалечена два-три километри од местото на случувањата, а за нив разбрала од трето лице“, кажува Брунсман.

Опасност од погрешни информации

Но, не постапува секој толку совесно, како таа твитерка. Не треба да се потцени опасноста од погрешни информации, па се’ до свесно манипулирање на јавноста. „Можеше да се случи некој, кој се наоѓа сосем на друго место и сака да си поигрува, да каже: ’Се наоѓам на местото на настанот‘. Имаше такви случаи, последниот за време на терористичките напади во Мумбаи“.

Се претопува границата помеѓу професионалното новинарство и репортерите-лаици, кои бркаат голема шанса, еднаш да направат голем пробив. Притоа може да настрада вистината, како што укажува интернет-новинарот Јерг Брунсман. „Информациите се пропуштаат нефилтрирани. Може да се рече дека во моментов владее твитер-хистерија. Тоа значи дека новинари целно бараат луѓе кои тврдат дека се на местото на настанот и потоа нивни информации пуштаат како да се од свој репортер на лице-место. Имаше луѓе кои од Виненден јавија дека атентаторот бил фатен. Тоа веднаш беше емитувано како агенциска информација - но, воопшто не беше точно“.