1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тајфунот убиец се враќа кон Филипините

Тајфунот Бофа во чиј налет загинаа стотици луѓе, а десетици илјади останаа без покрив над главата ја променил насоката и повторно ќе ги погоди Филипините, алармираа метеоролозите.

Филипинската служба за геофизички и астрономски услуги (ПАГАСА) соопшти дека појас на висок воздушен притисок ја блокирал предвидената патека на тајфунот Бофа. Тој ја променил насоката и се очекува повторно да ја погоди територијата на Филипините утре изутрина и тоа северниот дел на главниот остров Лузон. Тајфунот со себе ќе донесе ветришта со брзина до 160 километри на час и поројни дождови. Жителите на регионот Илокос и провинцијата Замбалес во северниот дел на земјата се предупредени да ги преземат сите мерки на претпазливост, изјави директорот на канцеларијата за цивилна заштита на Филипините Бенито Рамос.

Прогласена состојба на национална катастрофа

Инаку во налетот на тајфунот Бофа во јужниот дел на Филипини загинаа најмалку 550 лица а уште 600 се водат како исчезнати. Според наводите на канцеларијата за цивилна заштита најмалку 212 илјади луѓе останале без домовите по ударот на тајфунот во вторникот. Војската, полицијата и волонтерите во погодениот град Њу Батан формираа спасувачки екипи кои трагаат по преживеаните.

Невремето уништи 14.000 хектари плантажи со банани, што е 18 проценти од вкупната површина на островот Минданао. Штетите предизвикани од тајфунот Бофа се проценуваат на 300 милиони долари. Филипини е трет производител и извозник на банани во светот.

Тајфунот Бофа го погоди островот Минданао и помина над централниот дел на Филипини. Претседателот на државата Бенињо Акино прогласи состојба на национална катастрофа поради „огромните размери на штетите“, што ги предизвика Бофа.