1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Тајфунот Сулик по Тајван ја погоди Кина

Кина евакуираше повеќе од 300.000 луѓе во југоисточната провинција Фуџиан во налетот на тајфунот Сулик, соопшти денеска локалниот Центар за контрола од поплави.

Кинескиот хидрометеоролошки завод соопшти дека тајфунот, кој е проследен со силен дожд, достигнал брзина од 118 километри на час и денеска предизвикал лизгања на земјиштето во кинеската провинција.

Таму и морскиот сообраќај е во прекин, а запрен е и градскиот превоз во градот Нингде, каде според прогнозите тајфунот би требал да пристигне наскоро. На аеродромот во градот Фуджоу од синоќа се откажани 142 авионски летови, а прекинат е и сообраќајот на 31 брз воз кој сообраќа во тој регион.

Кинеските власти испратија 5.500 војници во загрозените подрачја и тие треба да учествуваат во акциите за спасување. Локалните власти го предупредија населението дека тајфунот би можел да предизвика бранови високи од шест до десет метри во Источното кинеско Море, во близина на островот Диаоју. Кинеските власти им препорачаа на рибарите да ги остават своите бродови вкотвени.

Сепак, бурата почна да губи на својата силина откако во текот на ноќта го погоди островот Тајван, откорнувајќи кровови, убивајќи полицаец и повредувајќи 21 лице. Тајфунот го погоди Тајван со брзина од 163 километри на час. Екипите за итни случаи се обидуваат да го вратат електричното напојување во 520.000 домови во главниот град Тајпеј, како и да ги отстранат стотиците дрвја кои паднаа на улиците и патиштата.

Вчера тајванската влада ги затвори училиштата и деловните простори низ северниот дел од островот, а воените сили евакуираа околу 8.000 лица. Аеродромите и брзите возови се очекува да проработат доцна денеска.