1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тајни служби тврдат дека Иран работи и натаму на атомско оружје

Меѓународната агенција за атомска енергија располага со извештаи на тајни служби, според кои Иран продолжува да работи на создавање технички предуслови за создавање атомско оружје, тврдат дипломати.

Според наводи на дипломати во Виена, кадешто се наоѓа седиштето на Меѓународната агенција за атомска енергија, Иран и натаму продолжува да работи на својата атомска програма. Меѓународните атомски власти, како што тврдат неименуваните дипломати за агенцијата Асошиетед прес, имаат за тоа потврда во нови извештаи на тајните служби. Информациите, како што се вели, доаѓаат од САД, Израел и најмалку уште две други западни земји.

Иран досега ги отфрлаше извештаите дека работи на создавање атомско оружје и тврдеше дека тие се засновани врз измислени информации. Меѓународната агенција за атомска енергија меѓутоа соопшти дека не може да ги отфрли сомневањата се‘ додека Иран не се однесува кооперативно во спорот околу неговата атомска програма.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска во Ерусалим изјави дека без да повлече црвена линија во спорот со Иран светот не може да бара ниту воздржаност од Израел. „Оние во меѓународната заедница кои се спротивставуваат на тоа на Иран да му биде покажана црвената линија, немаат морално право да му покажуваат на Израел црвено светло“, рече Нетанјаху по средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Со тоа израелскиот премиер реагира на изјавите на американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон која одби да му постави на Иран рокови. Преговорите се „најдобар начин“ за Иран да се држи на дистанца од развој на атомско оружје, изјави таа за агенцијата Блумберг.