1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Тајни дела на Џеј Ди Селинџер?

Селинџер се сметаше за еден од највлијателните американски писатели во 20-от век, а неговото дело „Ловец во житото“ објавено во 1951 година стана културна икона и го направи богат и славен.

default

Селинџер снимен во 1982 година

Познатиот американски писател Џеј Ди Селинџер и автор на култниот роман „Ловец во житото“, почина од природна смрт на 91 година во неговиот дом во Њу Хемпшир. Селинџер се сметаше за еден од највлијателните американски писатели во 20-от век, а неговото дело „Ловец во житото“ објавено во 1951 година стана културна икона и го направи богат и славен.

Но, славата го натера Селинџер да се затвори во својот дом во Њу Хемпшир, а последен пат објави кратка приказна во магазинот „Њујоркер“ во далечната 1965 година. Оттогаш одбиваше да дава интервјуа. Едно од ретките е она во „Бостон Глоуб“ дадено во 1980 година, во кое тој изјавил дека се’ уште пишува, но за себе, а не за широката публика.

Токму поради ова признание на Селинџер, веднаш по неговата смрт се отвори дебата околу тоа дали, и колку необјавени дела оставил зад себе. Издавачките куќи и холивудските продуценти со децении наназад се обидуваа да дојдат до неговите дела, но неуспешно. Тој ја одбиваше можноста и за филмување на романот „Ловец во житото“, иако меѓу заинтересираните беа и БиБиСи и Стивен Спилберг. Авантурите на 16-годишниот Холден Колфилд беа предизвик за многумина, и првите проценки се дека по неговата смрт правата за овој роман, како и за другите необјавени дела, ќе достигнат астрономски суми. Се уште не е позната содржината на тестаментот на Селинџер, но се претпоставува дека тој го блокирал екранизирањето на делата, само до неговата смрт.

Автор: БГ/AT/афп

Редактор: Жана Ацеска