1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Тајната на 70-милиметарскиот филм

Секцијата „ Ретроспектива“ на годинешното Берлинале е посветена на 70 милиметарскиот филм. Рајнер Ротер од Германската кинотека зборува за овој формат и за филмовите снимени во него во периодот меѓу 50-те и 70-те.

default

Легендарниот филм „Бен Хур“, со Чарлтон Хестон(на сликата) во главната улога бил сниман во 70-милиметарски формат

Дојче Веле: Господине Ротер, Берлиналето ја посветува секцијата „Ретроспектива“ на еден сосема посебен филм од „широк формат“. Што е всушност 70- милиметарскиот филм?

Рајнер Ротер: 70-милиметарскиот филм е видео запис кој е сниман на далеку поширока филмска лента, имено наместо на 35 на 70 милиметри. Тоа значи дека резолуцијата на сликата веќе во негатив е далеку поголема и подобра и овие филмови се прикажуваат и како 70-мм копии. Резултатот е далеку посјајна слика, за разлика од онаа што се добивала со 35 милиметарскиот или нормалниот филм и пред се’ далеку подобар квалитет на тонот, бидејќи 70-мм филм бил секогаш надополнет со шест канален стерео тон.

The Sound of Music, Film mit Julie Andrews, 1965

Мјузиклот од 1965 година „Звукот на музиката“, со Џули Ендрус во главната улога беше прикажуван во 70-милиметарска копија.

Дојче Веле: Во кој период се прикажувале овие 70 мм филмови?

Рајнер Ротер: Тоа беше пред се` периодот меѓу средината на 50-те и почетокот на 70-те години од минатиот век. Тогаш навистина се вадеше 70 милиметарска копија од снимениот материјал.

Дојче Веле: 70-милиметарските филмови се снимале во различни земји. Кои се најпознатите и доаѓаат ли тие од Холивуд?

Рајнер Ротер: Има прочуени филмови кои не доаѓаат само од Холивуд. Но се разбира најголемите остварувања, ако сакате, иницијалните каписли, доаѓаат од Холивуд. „Оклохома“ беше мјузикл, кој ги собори сите рекорди на гледаност се додека не беше надминат од „Звукот на музиката“, која истотака е мјузикл. Големите филмови за антиката како „Бен Хур“, „Спартак“ или „Клеопатра“ беа снимани во овој формат. Потоа филмовите „Бунтот на бродот Баунти“, Лорд Џим“ или „Лоренс од Арабија“. Но и во другите земји има такви филмови кои станале многу познати. Советскиот сојуз имаше развиено конкурентски процес, меѓу другото и од идеолошки причини. На пример „Војна и мир“ од Сергеј Бондарчук стана многу познат. Исто така и Германската Демократска Република продуцирала 70 милиметарски филмови. Таа ја имаше третата по големина продукција во светот на овие широкоформатни филмови.

Krieg und Frieden

Покрај тоа што е снимен на 70-милиметарска лента, епскиот филм „Војна и мир“ е и најдолгиот филм што се прикажува на Берлиналето

Во ГДР тогаш се прикажуваа советски, американски и сопствени филмови во овој формат, од кои со сигурност најпрочуен е ’Гоја’ на Конрад Волф.

Дојче Веле: Што правеле режисерите од Холивуд и од Русија со овој формат. Дали им била важна само спектакуларноста?

Рајнер Ротер: Сигурно тоа е формат кој пред се е базиран на спектакуларните слики. Кога се има овој голем формат, тогаш и сликите мора да бидат соодветни. Сепак не може да се каже дека филмовите се базирале исклучиво на тоа. Станувало збор за кино кое раскажува приказни, кино кое на бројната публика морало да и понуди повеќе од само големи и спектакуларни слики. Тоа значи дека честопати тоа биле и жанровски филмови. На пример има вестерни или документарни филмови кои се снимани на 70 милиметарски ленти. Може да се утврди дека има определени жанрови кои особено често се нудат во овој формат. Тоа се пред се филмовите за антиката и мјузиклите, но исто така има и примери на филмови и од многу други жанрови.