1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тајланд тоне во хаос

Центарот на Банкок денеска наликува се’ повеќе на боиште, а локалните медиуми навестуваат можна голема операција на армијата за ноќеска. Болниците во главниот град се ставени во состојба на највисока готовност.

default

Војската користи солзавец, но и вистинска муниција

Дописникот на „Франс 24“ од Банкок е ранет во офанзивата на армијата и тоа со три куршуми. Според изјавата на неговиот колега, Канаѓанецот кој работи за оваа француска станица, бил застрелан од грб. „Армијата стрелаше рафално врз демонстрантите и тоа со вистинска муниција“, изјави колегата на ранетиот новинар, кој се наоѓа во сериозна состојба.

Во судирите на улиците на главниот град на Тајланд, само во последниве 24 часа, има пет загинати и педесетина повредени лица. Тајландските безбедносни сили продолжуваат со активностите за опколување и блокирање на целото подрачје во центарот на Бангкок, каде се забарикадирани околу 15.000 противници на владата, т.н. „црвени кошули“. Меѓу нив има и голем број жени и деца.

Обид за ликвидација на еден од лидерите

Посебно силен револт на демонстрантите предизвика обидот за убиство на еден од нивните предводници. Станува збор за доскорешниот генерал во армијата, Катија Савасдипол, познат како Сех Даенг, кој им се придружи на „црвените кошули“.

Unruhe und Gewalt in Thailand Flash-Galerie

Уапсени демонстранти во Банкок

Тој се здоби со тешки повреди на главата откако го погоди снајперист за време додека давал интервју на една од барикадите, тврдат извори на демонстрантите. Тоа се случи само неколку часа откако Катија најавил дека комплетно ќе го преземе раководството на „црвените кошули“. Владини извори тврдат дека поранешниот генерал имал намера да создаде паравоени сили на демонстрантите.

Портпаролот на владата негира дека армијата стрелала врз поранешниот генерал-мајор Катија Савасдипол и најавува истражна постапка за сите инциденти и примена на сила: „Секој инцидент ќе биде испитан. Жално е што се случува насилство. Ние не водиме политика што им дозволува на офицерите да прават такво нешто. Оперираме врз основа на строги правила што подразбираат и почитување на човековите права и на меѓународните стандарди. Така е во неколкуте недели од почетокот на операцијата!“

NO FLASH Thailand Bangkok Unruhen Rothemden

Демонстрантите кренаа барикади во центарот

Одбиена понуда на премиерот

Ситуацијата станува уште понепрегледна поради информациите дека на демонстрантите им се придружила и една полициска единица. Еден сведок денеска изјави дека видел како полициски офицер стрелал врз војниците.

Тешко повредениот генерал-мајор Катија се смета за еден од порадикалните лидери на движењето на отпорот против актуелниот премиер Абхисит Веџаџива. Наредбата на премиерот за зголемување на притисокот против демонстрантите дојде откако тие го одбија неговиот предлог за распуштање на парламентот и да распише нови избори во ноември. Тие бараат парламентот да се распушти што е можно поскоро. Во досегашните демонстрации животот го загубија 31 лице, а преку 800 се повредени.

Автор: ГЧ/ЖА/дпа/ап

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска