1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тајланд: Примирје во чест на кралот

Тајландските граѓани го почитуваат својот крал Бумибол, иако е стар и болен и само ретко излегува во јавност. Неговиот 86-ти роденден го одбележуваат и демонстрантите.

Тајландскиот крал Бумибол Адулиадеј ги повика денеска (05.12.2013) своите поданици да соработуваат во интерес на стабилноста на земјата, по повод неговиот 86-ти роденден, што беше повод за примирје по жестоките протести со коишто опозицијата сака да ја урне актуелната власт.

„Тајланд беше во мир долги години бидејќи сите соработуваа за добро на земјата. Секој Тајланѓанец мора да биде свесен за тоа и да ги преземе своите обврски за доброто на земјата, односно поради нејзината стабилности и безбедност“, порача кралот во својот говор пренесуван преку државната телевизија.

Илјадници Тајланѓани облечени во жолто, бојата којашто се поврзува со кралската чест, некои со насолзени очи, излегоа на улиците од Хуан Хин за да ја проследат кралската поворка по повод официјалната свеченост одржана во познатото летувалиште јужно од Бангкок, каде што монархот престојува последните неколку месеци.

Роденденот на кралот, кого во Тајланд многумина го гледаат како полубожество, овозможи пауза во протестите против премиерката Јинглак Шинаватра, но ситуацијата и натаму е напната откако лидерите на опозицијата најавија дека протестите со истата жестина ќе продолжат утре.

Претходните денови имаше неколку судири на демонстрантите коишто го бараат заминувањето на премиерката со полицијата, но и со приврзаниците на нејзиниот брат Таксин Шинаватра, поранешен премиер, кој беше соборен со државниот удар од 2006. година, но и натаму има многу следбеници, особено меѓу посиромашните општествени слоеви и е активен во тајландската политика, иако е во егзил во Дубаи.