1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тајланд: Премиерката ја напушти земјата

Тајландската премиерка го напуштила Бангкок и заминала на непозната локација. За време на антивладините протести во Тајланд на викендот загинаа три деца.

Премиерката на Тајланд, Инглак Шинаватра заминала од Бангкок, каде повеќе месеци се одржуваат антивладини протести, и се наоѓа на локација оддалечена од главниот град 150 километри, соопшти нејзиниот кабинет, без да го прецизира местото на престој.

Засега не се знае колку дена премиерката ги извршува своите должности надвор од Бангкок. Медиумите објавуваат дека последен пат таа била видена во јавност во Бангкок пред речиси една недела, а в четврток треба да присуствува на сослушување во врска со обвинувањата за корупција. Тајландскиот министер за надворешни работи Сурапонг Товичакчајкул изјави дека Инглак утре ќе одржи владин состанок, веројатно надвор од главниот град.

Антивладините протести, кои траат веќе четири месеци, во последно време ги обележуваат се почести престрелки и експлозии, а демонстрантите се упорни во барањето премиерката да поднесе оставка.

Инаку, три деца станаа жртви на насилството во Тајланд за време на протестите во текот на викендот. Шест годишно девојче почина утринава од повредите во болница во Бангкок, каде беше оперирано, а нејзиниот четиригодишен брат претходната ноќ загина по напад со бомба, извршен во близина на одржувањето на опозициски протест. Во саботата загина пет годишно девојче, кое е убиено од огнено оружје за време на антивладините протести во источниот дел на земјата.

Ова е првпат од почетокот на политичката криза во Тајланд, која трае веќе четири месеци, да загинат деца. Со овие жртви, бројот на загинатите во насилствата за време на протестите изнесува 20 лица, а стотици се повредени.