1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тачи: Нема поделба на Косово

Косовскиот премиер Хашим Тачи исклучува автономија за Србите во северно Косово. Команданот на КФОР Ерхард Билер вели дека неговите трупи ја држат ситуацијата во земјата под контрола.

default

Косово ќе функционира само како суверена и независна држава, со обврска и желба за добрососедски односи со сите земји во регионот, и во тој однос и со Србија, вели косовскиот премиер Хашим Тачи во интервју за Дојче веле. На прашањето дали можеби судирот околу царините е резултат на стравувањата на косовската влада дека приближување на Србија кон ЕУ, по испораката на осомничените за воени злосторства, би можело да доведе до цементирање на состојбите во северниот дел на Косово, Тачи одговара:

„Овој дел на Косово е црна дупка веќе 12 години, и тоа не само во Косово, туку и во цела Европа. Веќе 12 години на ова подрачје не се одржуваат слободни избори. Илегалните структури го искористија бесправниот простор за свои криминални активности. Затоа нашиот заклучок беше правно легитимен, тоа е заклучок од европски вид, за институциите на правната држава да ја покриваат цела територија на Косово и како таков заклучокот е повеќе од политичка одлука. Некои луѓе во меѓународната заедница кои првично беа изненадени од ваквиот заклучок, сега се уверени дека нема да има враќање на состојбата пред 25 јули.“

„ЕУЛЕКС не презема ништо“

Косовскиот премиер уверува дека ќе се продолжи со нормализација на состојбите чекор по чекор, во согласност со уставот, но и со КФОР и другите носители на одлуки на Косово.

Hashim Thaci Ministerpräsident Kosovo

Хашим Тачи

„Сакам да ја изразам својата целосна поддршка на КФОР, за тоа што КФОР, во рамки на својот мандат, се грижи и натаму за мир и безбедност за сите граѓани на Косово. Што се однесува до ЕУЛЕКС, треба да кажам дека ние посакуваме ЕУЛЕКС да има успех. За нас е јасно дека успехот на ЕУЛЕКС е успех и на Косово. Колку е поуспешен ЕУЛЕКС, толку поуспешно ќе биде Косово и неговата европска перспектива. Но, на ЕУЛЕКС не му успеа да воспостави авторитет врз целата територија на Косово.

Веќе две години се дискутира за отворање суд на север, но не е направено ништо конкретно. Тоа не смее да биде толерирано бескрајно од наша страна. ЕУЛЕКС со години ја има својата агенда и има акти за криминални структури на северот, но сепак, не се презема ништо.“

Хашим Тачи тврди дека Косово и меѓународните институции имаат една заедничка цел - демократизација на земјата, економски развој и европска перспектива и подвлекува дека поделба на Косово нема да има, „ни де јуре, ниту де факто“.

Повлекувањето на КФОР зависи од она што ќе го сработи политиката

KFOR General Erhard Buehler NATO Kosovo Deutschland

Ерхард Билер

Според командантот на КФОР Ерхард Билер, она што сега треба да се прави е деескалација на состојбата. За Дојче веле Билер проценува дали во блиска иднина ќе биде можно повлекување на меѓународните трупи од Косово:

„Имаме план за повлекување кој не е врзан за временски одредници, туку за услови. Еден од условите за натамошно намалување на трупите е подобрување на ситуацијата на север. Има и други услови и не можам да проценам уште колку долго тоа ќе трае. Суштински тоа ќе зависи од политиката, од напредокот на преговорите кои почнуваат повторно во септември. Тоа ќе зависи и од одлучноста на полициските мерки што ќе бидат спроведени на север. Тоа е сосема јасен услов кој секогаш го предлагав и кој мора да биде исполнет за воопшто да биде можно натамошно редуцирање на КФОР.“

Автор: Есат Ахмети/Бахри Цани/Е.М.Фиданоска

Редактор: Трајче Тосев