1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тачи: Европската унија не сака раскарано семејство

Со движење на сцената и микрофон во раката, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, е еден од ретките во Македонија кои го прифатија „американскиот“ стил на водење предизборни митинзи. За ДВ говори за плановите на неговата партија.

default

Кои се основните пораки, кои ги упатувате, кои се најсуштинските точки на политичката платформа на Вашата партија?

Тачи: Приоритет над приоритетите за граѓаните на Македонија е да се деблокира интеграцискиот процес. Тоа е многу важна работа од гледна точка на политичката перспектива. Нормално, и од гледна точка на економската перспектива. Второ, да се уредат внатрешните проблеми, кои ги имаат Албанците и Македонците меѓу себе. Ние бараме да биде полн консензусот во начинот на одлучување и буџетот на државата, кој се создава и со парите, кои се земаат и од Албанците, да биде рамномерно распределен и кај нив.

Во текот на кампањата во една пригода Вие јавно се произнесовте дека по овие избори, ако победи ДПА, „ќе дојде до преговори врз основа на шема за поделба на власта и за албанско-македонско партнерство на сите рамништа преку принципите и механизмите на консензуалната демократија“. Ве молам, конкретизирајте го тоа?

Тачи: Начинот на функционирање на консензуалната демократија не е нешто што произлегува за првпат од ДПА. Има многу напредни држави, кои функционираат од тој аспект, како што се Швајцарија, Белгија, Канада итн. Крајно сериозно треба да разбереме дека нема да не прифатат како раскарано семејство да бидеме дел на Европската унија. Јас предвидувам напореден процес: интеграцијата да оди напред, позитивно, со брзи чекори, и внатрешните недоразбирања да ги разрешиме колку е можно побргу.

Во едно од вашите јавни обраќања рековте дека го барате не само гласот на вашите сонародници за изборна победа, туку и нивната поддршка за да бидете и „премиер на Албанците во Македонија“. Појаснете го ова?

Тачи: Нашиот предлог е да нема повеќе четворица потпретседатели на владата, туку само еден заменик-премиер, кој ќе биде Албанец. Нему да му бидат јасно определени компетенциите, за што ќе биде тој надлежен. Првата надлежност, која ќе треба да му биде доделена, е распределбата на оној дел од буџетот, кој им припаѓа на Албанците. Начинот на консензуалното функционирање треба да биде во целата вертикала на дејствување на системот и на извршната власт.

Одредени (нерепрезентативни) анкети покажуваат дека граѓаните бараат решавање на социо-економските прашања, поврзани со егзистенцијата, оти нив помалку ги интересираат етничките теми. Ваш коментар?

Тачи: Точно, од оперативен аспект. Но, од аспект на политичката стратегија треба да бидеме свесни дека не можеме економски да одиме напред, ако нема стабилна држава. Оти не можеме да одиме економски напред, ако не го деблокираме интеграцискиот процес.

Вие сте единствениот од политичките лидери на Албанците во Македонија за кого постојниот Охридски договор е веќе од поодамна „мртов“. ДПА изготви и нуди нов политички договор меѓу Македонците и Албанците. Но, Европската унија, вознемирена од реториката против рамковниот договор, сега им порачува на ДПА и другите партии во албанските политички блок да го почитуваат тој договор и да не креваат раце од него?

Тачи: Не можам да бидам против Охридскиот договор, бидејќи сум бил главниот преговарач за него. Ама, оти тој договор е уништен, особено од постојнава влада во последниве три години, тука не се сомнева никој. Мислам дека треба да има надградба на Охридскиот договор. Новата платформа, која ја нуди ДПА, ги прифаќа главните премиси и духот на Охридскиот договор. Нашиот прв предлог е консензусот, кој е според Бадинтер, и кој е делумен механизам, оти треба да биде полн механизам на одлучување со консензус. Втората главна работа, која е предлог од нашата платформата, е распределбата на буџетот да биде коректна од страна на Владата.

Во врска со навестениот можен референдум за името на Македонија Вие порачавте во една пригода дека „не треба да очекува никој оти Албанците ќе гласаат во полза на државноста и битието на Македонците на своја штета, што нас не не` интересира“. Дали е ова најава за евентуален можен нов албански бојкот, овојпат во врска со референдумот за името на оваа држава?

Тачи: Тој референдум е многу опасна работа, затоа што и Грците можат да организираат референдум. Второ, тој е многу опасен и за внатрешните околности, кои ги имаме тука. Тие што сакаат да го организираат тој референдум, планираат Албанците да гласаат 99 проценти за да се промени името. Тоа е многу лошо: да запомнат Македонците дека Албанците гласале да им го променат името! Тоа би предизвикало непотребна внатрешна кавга. Претпочитам самите Македонци да одлучат во тие институции, кои ги имаат, во тие политички партии, кои ги имаат. Мешањето на Албанците во одлучувањето во врска со овој проблем ќе се протолкува негативно. Било како да се мешаат Албанците. Треба да се оди претпазливо кон тоа одлучувањето да падне врз плеќите на македонскиот народ.

Пред неколку дена на митингот во тетовското село Челопек Вие рековте: „Ако на 5-ти јуни Албанците не гласаат за политичката платформа на ДПА, тогаш ние ќе им дадеме ’зелено светло’ на сите политички субјекти во светот да констатираат дека, ете, Албанците се задоволни со постојната состојба во Македонија, во која се наоѓаат“. Како да се сфатат овие Ваши зборови?

Тачи: Политичката волја на Албанците треба да биде против оваа влада затоа што треба да се укаже дека сме незадоволни од оваа политика.. Но, напротив, ако тоа не се случи, тогаш самите ќе признаеме дека сме задоволни и нема да имаме отворена врата потоа да се жалиме за нашата положба, која ја имаме во системот.

Каде ја гледате Вашата натамошна политичка кариера по овие избори? Дали Вашето натамошно политичко опстојување на челото на ДПА би го поврзале со исходот од изборите?

Тачи: Ова ми е втор мандат како претседател на оваа партија. На политичката сцена во земјата сум 18 години. Се надевам дека конечно на овие избори ќе се легитимира платформата на Демократската партија на Албанците. Оти ќе победи ДПА. Во спротивно, тука се органите на партијата да одлучуваат и за мојата политичка кариера. Јас нема да се повлечам по барањето на тие што не ме сакаат, кои не гласале за мене и кои не ме поддржуваат. Можам да се повлечам, ако тоа го побараат тие луѓе, кои ме поддржуваат до денес.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Трајче Тосев