1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тачи: „Го градиме Косово како земја со перспектива за сите негови граѓани“

Прес-конференција на косовскиот премиер Хашим Тачи - без одговор за тоа кога покраината ќе прогласи независност. Тачи претпладнето беше и во Скопје: односите со Македонија консолидирани, соработката извонредна

default

Хашим Тачи

„Косово има сопствен дневен ред. Косово сосем вообичаено работи и функционира според своите институции и сопствениот дневен ред“ - ова е се’ што Хашим Тачи имаше да каже на прес-конференцијата во Приштина во однос на очекуваната потврда на шпекулациите дека недела е денот предвиден за прогласување на независноста. Инаку, косовскиот премиер акцент стави врз идниот соживот на етничките заедници: „Го градиме Косово како земја со перспектива за сите негови граѓани, со еднаквост на шансите за сите и со респект и најголема можна подршка за малцинствата, пред се’ Србите. Како премиер решив да востановам посебно биро за прашањата на малцинските заедници, како и едно место за советник за прашањата на малцинствата во мојот кабинет“ - рече Тачи.
Почитување на малцинските права на сите институционални нивоа
Бирото и советникот секојдневно треба да известуваат за проблемите на малцинствата за да се бараат конкретни решенија. Така, според косовскиот премиер, ќе биде создадена подобра ситуација од било кога, во која ќе владеат безбедност, стабилност, соживот и заедничка благосостојба за граѓаните на Косово. Во независно Косово ниеден граѓанин нема да се чувствува дискриминиран или потиснат на страна, рече Хашим Тачи и вети дека лично и заедно со владата и локалните институции ќе се заложи за почитување на правата на малцинствата во реалниот живот и на сите институционални нивоа. За функционирање на бирото се издвоени еден милион евра, рече Тачи и им се заблагодари на многумина донаториза искажаната подготвенос за подршка.
Извонредна соработка со Македонија
Тачи прес-конференцијата во Приштина ја одржа по претпладневната посета на Скопје. „Тоа беше редовна средба на премиерите на Косово и на Македонија. Соработката е извонредна, средбата беше многу конструктивна. Разговаравме за продлабочување на соработката. Косово ќе има добра, извонредна соработка со сите земји во регионот. Веќе сега се консолидирани односите со Црна Гора, Македонија и Албанија, а во иднина, се разбира, ќе бидат и со Србија на демократски начин“. На разговорот станало збор и за обележувањето на границата меѓу Косово и Македонија, извести Тачи. „Разговаравме и за прашањето за демаркација на границата. Тоа ќе го регулираме преку директни контакти меѓу Приштина и Скопје со целосна меѓународна подршка и согласно со принципите предложени од Марти Ахтисари“, рече премиерот на Косово Хашим Тачи.