1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тарчуловски ја докажува невиноста во Хаг

Одлуката на Хашкиот суд по жалбата на Јохан Тарчуловски ќе биде позната кон средината на декември годинава или на почетокот на февруари наредната година. Денеска (29.10.2009) ќе се одржи прво рочиште.

default

Судница во Трибуналот за воени злосторства во Хаг

Трибуналот за воени злосторства на просторите на поранешна Југославија во Хаг на 10 јули 2008-та година за првпат донесе пресуди за двајца македонски државјани, поврзани со меѓуетничкиот конфликт во Македонија во 2001-та година. Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски беше ослободен од обвинението за командна одговорност, но неговиот потчинет Јохан Тарчуловски, по ранг низок полициски функционер, беше осуден на 12 години затвор. Пред Трибуналот во Хаг, денеска ќе се одржи првото рочиште од жалбената постапка, во која обвинителството бара укинување на ослободителната пресуда за Бошкоски, а одбраната - слобода за Тарчуловски.

Адвокатските тимови на Тарчуловски и Бошкоски со оптимизам го очекуваат денешното рочиште во Хаг на кое ќе бидат презентирани завршните докази за „случајот Љуботен“. Антонио Апостолски, бранител на Тарчуловски, вели дека има доволно причини да се надева на ослободителна пресуда за својот клиент. Хашките судии во јули минатата година утврдија дека Тарчуловски, како предводник на акцијата, е виновен за смртта на тројца од вкупно 10-те загинати жители на селото Љуботен во неколкудневните напади на македонските безбедносни сили во 2001-та година, како и за уништување на имотите на други 12 етнички Албанци и за сурово постапување кон уште 13 лица.

Бошкоски може мирно да ја очекува разврската

Откако помина нешто повеќе од три години во притвор во Хаг, Љубе Бошкоски минатата година се врати во Македонија како херој. Владата му организираше превоз до татковината, а на аеродромот во Скопје го пречекаа стотици приврзаници.

Ljube Boskovski

По три години во притвор во Хаг, Љубе Бошкоски минатата година се врати во Македонија

Денес ситуацијата во таборот на поранешниот министер за внатрешни работи, кој во меѓувреме застана и на чело на новата политичка партија „Обединети за Македонија“, е поинаква. Бранителите на Бошкоски ќе треба да ги ислушаат евентуалните нови докази кои ќе ги понуди обвинителството. Шансите да биде изменета првичната ослободителна пресуда, според неофицијални информации, се многу мали.

На Судот во Хаг му беше потребна нешто повеќе од една година за да ја донесе пресудата. Тој не успеа да утврди кој му ја издал наредбата на Тарчуловски за нападот, иако во пресудата се наведува дека таа дефинитивно дошла од „лица кои му биле претпоставени“. Во тој период, Тарчуловски бил член на обезбедувањето на покојниот македонски претседател Борис Трајковски, со многу мали овластувања, и неговите адвокати тврдеа дека тој самиот не можел да организира и да спроведе таква акција.

Остана нејасно и како и под кои околности загинале уште најмалку петмина од жртвите. Обвинителството тврдеше дека сите биле цивили, но Судот во пресудата остави отворено дека можеби станувало збор за припадници на ОНА кои пукале кон македонските безбедносни сили. Тарчуловски е осуден за смртта на тројца од нив, а неговиот адвокат Апостолски најавува дека и тоа ќе биде оспорено на денешното рочиште.

Четири од петте случаи вратени назад во Македонија од Хаг

Многуте спротивставени искази за време на судењето ја оставија отворена и дилемата дали во селото на 12 август имало припадници на ОНА кои им се спротивставувале на безбедносните сили, или нападот бил насочен единствено кон цивили? Судот не најде доволно докази за да го утврди тоа.

Македонските правосудни власти во ноември 2002 година му отстапија на Судот во Хаг пет случаи за кои постоеја сомневања дека се сторени воени злосторства за време на конфликтот од 2001. Освен „случајот Љуботен“, за кој беа осомничени македонските безбедносни сили, во останатите четири се бараше одговорност за припадници на ОНА за воени злосторства. Обвинителството во Хаг одлучи да го процесуира само „случајот Љуботен“ додека останатите четири случаи беа вратени во Македонија.

Одлуката на Хашкиот суд по жалбата на Тарчуловски ќе биде позната кон средината на декември годинава или на почетокот на февруари наредната година.

Автор: Борис Георгиевски/Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска