1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тарик ал-Хашеми осуден на смрт со бесење

Суд во Багдад денеска во отсуство го осуди на смрт поранешниот ирачки заменик-претседател Тарик ал-Хашеми. Пресудата е донесена поради обвиненијата за тероризам.

„Високиот криминален суд пресуди смртна казна со бесење против Тарек ал-Хашеми“, изјави Абдул-Сатар ал-Биркдар, порпарол на судскиот совет. Хашеми се смета за виновен за убиството на адвокат и бригаден генерал. На смртна казна денеска е осуден и неговиот секретар и зет Ахмед Катан.

Хашеми пребега од земјата на почетокот од годинава, откако ирачките власти побараа негово апсење. Неговиот случај предизвика политичка криза во земјата водена од сунистски, шиитски и курдски политички блокови. Хашеми го обвинува премиерот Нури ал-Малики дека води лов на вештерки против сунитските противници. Контрадикторни се информациите каде тој во моментов се наоѓа. Дел од агенциите јавуваат дека Хашеми во моментов е во Турција, а друг дел сметаат дека е во Доха, Катар, според неговата последна изјава од 10-ти август објавена на интернет.

Процесот започна во мај и опфаќаше 150 обвиненија против Хашеми и неговите телохранители. Обвиненијата опфаќаа и убиствата на шест судии и неколку високи функционери, меѓу кои и генералниот директор на министерството на национална безбедност. Но, пресудата е донесена само за убиството на адвокатот и бригадниот генерал.

Кризата во Ирак изби во ноември минатата година само неколку дена откако и последните војници на САД ја напуштија земјата, а беше проследена со повеќе крвави напади на секташка основа во која животите ги загубија стотици Ирачани.