1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Тарантино и Алмодовар разочараа во Кан?

Фаворити за многу посакуваната „Златна палма“, според критичарите, се француската затворска драма на Жак Одијар „Пророк“, приказната за Џон Китс на Џејн Кемпион и филмот на Кен Лоуч за фудбалската ѕвезда Ерик Кантона.

default

Утревечер француската актерка Изабел Ипер ќе го соопшти името на годинашниов добитник на „Златната палма“. Претседателката на жирито на 62–то издание на Меѓународниот филмски фестивал од Кан, која веќе е обвинета дека ја презела целата власт во Кан и дека диктаторски ги наметнувала своите мислења на останатите членови на жирито, нема да има лесна работа. Годинашнава главна конкуренција донесе на Кроазетата, многу славни имиња од светскиот филм, некои од нив веќе носители на најпрестижното филмско признание – Златната палма.

„Потребно е филмот да биде завршен од гледачите. Ако има илјада гледачи, има илјада филмови, ако не, тоа е еден ист филм за сите. Филмот е како утврдена идеја, тој треба по секоја цена да изрази нешто: доживеано чувство, цел еден свет и нешто што не можеме да го изразиме освен ако го покажеме.“ - предупреди Ипер на почетокот на фестивалот.

Eric Cantona

Ерик Кантона во дресот на Манчестер Јунајтед стана вистинска фудбалска легенда

Ерик Кантона- ѕвезда во Кан

На жирито му остануваат да види уште два филма пред утрешното прогласување на наградите. Реакциите на досега видените филмови во главната конкуренција се позитивни. Фаворити за многупосакуваната Златна палма се француската затворска драма на Жак Одијар „Пророк“, приказната за Џон Китс на Џејн Кемпион и филмот на Кен Лоуч за фудбалската ѕвезда Ерик Кантона.

Според критичарите, разочараа толку многу најавуваниот филм на Квентин Тарантино „Неславни копилиња", како и "Скршени прегратки" на Педро Алмодовар, кој очигледно е во недостиг на инспирација.

"Пророк" во режија на Жак Одијар моментално е фаворит за Златната палма за најдобар филм. Во "Пророк" игра Тахар Рахим како млад осуденик, кој мора да ја употреби снаодливоста за да преживее во затвор, каде што свртува една банда против друга. Филмот, според критиката "ја погоди Кроазетата како гром".

Близу зад него според критичарите е „Сјајна ѕвезда" на Новозеланѓанката Џејн Кемпион со филмот за љубовта меѓу англискиот поет Џон Китс и Фани Браун. Кемпион сe‘ уште е единствената жена што ја добила Златната палма за "Пијано" во 1993 година.

Во трката е и британскиот режисер Кен Лоуч со "Во потрага по Ерик" со фудбалската ѕвезда Ерик Кантона, исто како и неговата сонародничка Андреа Арнолд која добри големи пофалби за филмот"Аквариум".

Михаел Ханеке, кој во "Белата панделка" зборува за пуританизмот во германското општество и воспитувањето на децата кои ќе бидат возрасни при појавата на фашизмот, вели дека неговиот филм ја надминува оваа приказна:

„Ако се подигне до апсолутност еден принцип, принципот станува нехуман. Ако тоа е религиозен или политички идеал, тој станува нехуман. Сакав да покажам дека било кој идеал станува перверзен ако е претставен како апсолутен. Во конкретниот случај станува збор за фашизмот во Германија, но тоа е филм за целиот свет“, вели Ханеке.

Cannes Trier und Gast

Данскиот режисер Ларс фон Трир повторно се погрижи за турбуленции

„Антихрист“- најконтроверзен филм

Драмата "Антихрист" на Ларс фон Триер со Вилем Дефо и Шарлот Ганзбург во улогите на брачна двојка, што ќе се повлече во изолирана колиба длабоко во една шума по смртта на нивниот син, како и што очекуваше реализаторот на филмот, предизвика поделби и разногласија кај публиката и критиката. Овој филм не остави никого рамнодушен.

Дванаесет од вкупно дваесетте филмови се подолги од два часа. Црно-белата драма "Белата панделка" на Ханеке за животот во едно германско село од 1913 до објавувањето на војната во 1914, трае 2 часа и 24 минути. На Ксавие Џианоли му беа потребни 154 минути за да ја раскаже приказната за еден измамник кој гради автопат во филмот „На почетокот“. Се чувствува дека Џианоли се потпира на времето за да му даде епска димензија на денес еден заборавен настан. Ханеке се потпира на годишните времиња во една аграрна средина, за да му ја даде спороста, толку многу значајна за неговиот филм. Исто како и Жак Одијар, кој има потреба од два и пол часа за да ја раскаже промената на еден ситен деликвент во „Пророк“ за време на шесте години поминати в затвор. Потребно беше да се почувствува како течe времето, промената на ритамот, за да и‘ се остави време за метаморфоза на главната личност на филмот.

Преголемата должина на еден филм може да остави впечаток дека тој не е довршен. Тоа се чувствува најмногу во најновиот филм на Тарантино „Неславни копилиња“, копијата претставена во Кан е пократка за петнаесет минути од најавените 2 часа и 40 минути. Но неговиот филм може да биде уште подолг. Должината и претставувањето на филмови кои се завршуваат и во време кога фестивалот не е завршен, ги наведува некои да размислат дали фестивалот во Кан се одржува многу рано во годината и подобро би било да започнува на крајот на јуни или почетокот на јули, за да им се дозволи на режисерите да ги довршат нивните филмови.

Jury Cannes 2009

Членовите на стручното жири на годинешниот Кански фестивал

Кан нуди многу повеќе од официјалната селекција

Кога зборуваме за Канскиот фестивал, најмногу внимание и‘ посветуваме на официјалната селекција за Златната палма, во која се наоѓаат само дваесет филмови. Но во практиката на Кроазетата во Кан, секој ден на фестивалската публика и се претставуваат десетина филмови во сите селекции. Но и во самата официјална селекција постојат повеќе натпреварувачки категории: „Еден извесен поглед“ во која се ставени дела избрани поради нивната оригиналност за начинот на кој се занимаваат со општествени теми, потоа филмовите кои се надвор од натпреварувачката селекција, со кои се затвора и отвора фестивалот, обично програмирани во полноќните сеанси. Потоа следуваат „специјалните сеанси“, “Синефондацијата“ со средни и краткометражни филмови од студентите по филм, краткометражните филмови во натпреварувачка селекција, без да се заборави на Класичниот Кан, кој и‘ дозволува на публиката да ги види класиците на светскиот филм и реставрираните филмски дела. Кон ова треба да се додадат и паралените селекции на фестивалот „Канзен де реализатор“ и „Неделата на критиката“, секоја со околу триесетина долгометражни и краткометражни филмови. И на крајот за обичните гледачи се проекциите на плажата, кои годинава за тема ја имаат филмската музика.


Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска