1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Талибанците убиле повеќе соработници на НАТО

Во два напада врз НАТО во Авганистан се убиени најмалку петмина американски државјани. Во атентатите загинале и повеќемина авганистански цивили.

Во еден од најцрните денови за НАТО-силите во Авганистан во последните месеци, во бомбашки напад во немирната провинција Сабал во јужниот дел од земјата загинаа тројца американски војници и американска дипломатка во служба на Алијансата, како и повеќемина авганистански цивили, потврди американскиот министер за надворешни работи Џон Кери. Убиството тој го оцени за едно од „најнедостојните дела“. Жртвите биле на пат кон училиште во провинцискиот главен град Калат каде планирале да поделат книги. Според портпарол на ИСАФ-трупите, нападот врз колоната возила бил извршен со автомобил-бомба. Во конвојот возила се наоѓал и гувернерот на провинцијата Сабал, Мохамед Ашраф Насери, кој останал неповреден.

Талибанците ја презедоа одговорноста

Американскиот министер Кери им изрази сочувство на семејствата на загинатите, пред се‘ на дипломатката, која неодамна и лично ја запознал при посетата на Авганистан. Таа беше „интелигентен, способен дипломат“, кој своите целокупни сили ги вложуваше „за авганистанскиот народ“, истакна Кери.

Одговорноста за нападот ја презедоа радикално-исламистичките талибанци.

Вториот напад врз НАТО според американската армија се случил во источниот дел од земјата, каде бунтовниците убиле цивилен соработник на НАТО од САД. Подетални информации за инцидентот не се дадени. Нападите се совпаѓаат со пристигнувањето на американскиот шеф на Генералниот штаб Мартин Демпси во една од безбедносни причини претходно ненајавена посета на Хиндукуш.