1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Талибанците почнаа пролетна офанзива во Авганистан

Талибанците ја презедоа одговорноста за повеќекратните денешни напади на авганистанскиот главен град Кабул. НАТО силите во Авганистан информираат дека има напади на седум различни места.

Преку социјалната мрежа Твитер портпаролот на ИСАФ мисијата во Авганистан информираше дека од НАТО мисијата одговараат на соодветен начин на настанатата ситуација, без да прецизира детали. Медиумите јавија дека хеликоптер од НАТО силите отворил оган врз зграда во близина на границата со Пакистан, која била окупирана од талибанците. Нема информации за жртви во тој напад.

Afghanistan Kabul Anschlag Botschaftsviertel

Авганистански полицаец на позиција во одбрана на дипломатскиот кварт

Шефот на полицијата Мохамед Ајуби Саланги, пак, информираше дека најмалку еден напаѓач е убиен во нападот на парламентот во западниот дел од Кабул.

„Во близина на парламентот, првиот спрат од соседната зграда беше заземен од полицијата и еден терорист е убиен“, појасни шефот на полицијата.

Напади на бројни локации

Освен парламентот, меѓу нападнатите локации е и дипломатскиот кварт Вазир Акбар Кан во центарот на Кабул, каде се нападнати британската и германската амбасада, а терористички напади се извршени и во областа Девет на југот од градот, како и врз полициски објект во градот Гардез на истокот од земјата, каде непознат број Талибанци отвориле оган, а се верува и дека имаат и појаси за извршување самоубиствени напади. Во тој напад се повредени двајца студенти од соседниот универзитет и двајца цивили, инфомрираше Рохула Самон, портпаролот на провинцијата.

Afghanistan Kabul Anschlag Botschaftsviertel

Чад се изгида од објект кој припаѓа на британската амбасада

Неколку лица се повредени и во двата самоубиствени напади на аеродромот во Џалалабад на истокот од Авганистан. Тој напад го извршиле двајца бомбаши самоубијци. Шефот на аеродромската полиција информираше дека четворица бомбаши самоубијци биле запрени на аеродромската порта при обид да влезат во аеродромот, при што двајца од нив го активирале експлозивот повредувајќи ги другите двајца терористи, по што тие биле приведени.

Неколку бомбаши самоубијци влегле и во владините згради во провинцијата Логар, јужно од Кабул. Локациите кои биле нападнати вклучувале канцеларии на провинциската влада, седиштето на полицијата, како и американкса база – сите објекти се блиску еден до друг.

Почеток на офанзива против странци

Afghanistan Kabul Anschlag Botschaftsviertel

Нападнати се и парламентот во Кабул и аеродромот во Џалалабад

„Според моите информации десетици од нашите храбри муџахедини се тешко вооружани и учествуваа во денешните операции во провинциите Кабул, Логар, Пактиа и Нангарар“, рече портпаролот на талибанците Забиулах Муџахид во телефонски разговор за агенцијата ДПА, додавајќи дека денешните акции се почеток на пролетната офанзива против Авганистан и странските трупи.

Во нападите на дипломатските претставништва нема информации за повредени или жртви. Германската амбасада во Кабул е оштетена, но се верува дека персоналот не е повреден, информира министерството за надворешни работи.

Од американската амбасада во Кабул информираа дека во нејзината околина се извршени повеќе напади, но дека ниту еден член на персоналот не е повреден. Амбасадата преку СМС порака предупреди дека нападите продолжуваат и порача да се одбегнува таа област и да се побара засолниште. Амбасадата на САД е затворена, а персоналот е пренесен на безбедна локација.

Гранати беа испукани и врз куќата користена од британски дипломати, од која се изгигал чад по нападот.