1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Талибанците го нападнаа конзулатот на САД во Авганистан

Персоналот успеал да го обезбеди конзулатот во градот Херат, откако во раните утрински часови тој бил нападнат од милитанти. Овој западен град досега беше мирен и покрај талибански напади во другите делови од земјата.

По самоубиствениот напад со автомобил бомба, следувала престрелка меѓу безбедносниот персонал на конзулатот и талибанските милитанти, известуваат американските и авганистански официјални лица. Стејт Департментот потврди дека борбите завршиле, но одби да даде повеќе информации за инцидентот.

Мари Харф портпарол на Стејт Департментот изјави: „Сите детали за нападот не се познати, нити пак неговата големина, но нападот во моментов е завршен“.

„Нема повредени американци“, додава таа.

Во нападот се повредени неколку припадници на авганистанските сили за безбедност, а најмалку четворица талибанци се убиени. Според американски извори сите американци се добро. Првичните извештаи велат дека најмалку еден авганистанец исто така починал во нападот, а повредени се повеќе од 20 луѓе, од кои 16 цивили.

Талибанскиот портпарол Кари Јусеф Ахмади во име на екстремистичката група ја превзеде одговорноста за нападот.

Херат, е главен град на провинцијата Херат, која лежи на границата со Иран, и која во овие 12 години во кои западните сили се обидуваат да ги спречат талибанците повторно да ја стават земјата под контрола остана прилично стабилна.

Нападот доаѓа во моментите кога американските и трупите на ИСАФ полека се повлекуваа пред целосното повлекување од земјата во 2014.