1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Талибанците го нападнаа Кабул со бомбаши самоубијци!

Талибанците го шокираа светот, откако изведоа спектакуларен напад врз главниот град на Авганистан, Кабул. Десетици припадници на радикалното движење ги нападнаа клучните владини објекти во градот

default

Авганистанските безбедносни сили за време на денешниет напади во Кабул

Најмалку петмина цивили загинаа, а повеќе од 40 луѓе се ранети во нападите кои утрово ги изведоа талибанските бунтовници во главниот град на Авганистан, Кабул. Десетици талибанци, повеќето самоубијци, изведоа координирани напади врз повеќе владини институции и јавни објекти во Кабул. Најмалку четворица од напаѓачите загинаа, двајца откако успеале да се разнесат, а двајца биле убиени од полицијата. По неколкучасовна борба, авганистанските сили успеаја да ја вратат контролата врз градот.

Цели на нападот биле и два трговски центри, едно кино и единствениот хотел од висока категорија во градот.

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи соопшти дека безбедносните сили ја презеле контролата врз деловите од градот кои беа нападнати. „Непријателите на авганистанскиот народ денеска извршија серија напади, предизвикувајќи страв и терор меѓу населението“, оцени Карзаи во соопштение.

Одговорноста за нападот, во изјава за западните агенции, ја презеде исламската талибанска милиција. Нивниот портпарол Забибула Муџахид соопшти дека во акцијата учествувале 20 бомбаши самоубијци, а главни цели биле зградите на министерствата и претседателската палата.

Пукотниците се‘ уште траат во локалното кино, каде се забарикадирани преостанатите бунтовници. Полиција и снајперисти се‘ уште се распоредени по покривите на повисоките куќи и згради и патролираат во градот.

САД ги осудија нападите како очајнички и безмилосни акти на талибанците. „Овие луѓе знаат дека нема да го преживеат нападот, ниту дека ќе успеат. Но може и во иднина да се очекуваат вакви работи“, изјави специјалниот пратеник на американскиот претседател за Авганистан и Пакистан, Ричард Холбрук.

Додека траеја нападите, 14 нови министри во владата на Карзаи ги потпишаа свечените заклетви за стапување на функцијата. Парламентот не ги одобри преостанатите 11 кандидати на шефот на државата.

Авганистанската влада вчера соопшти дека претседателот Хамид Карзаи подготвува нов план за помирување со радикалните исламисти во земјата.

Сличен напад врз владините згради како денешниот, талибанците изведоа и во февруари минатата година, и тогаш животите ги загубија 26 луѓе.

Автор: БГ/ЖА/афп/ап

Редактор:Александра Трајковска