1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тактизирање за македонски амбасадор во Косово

Во само еден месец-три неформални средби меѓу Иванов - Сејдиу. На маргините од фестивалот „Охридско лето“, двајцата претседатели се согласиле дека е неопходно побрзо да се воспостават дипломатски односи.

default

Иванов, Сејдиу и Топи на иста маса

Гостинот од Приштина побарал одговор кога Македонија ќе официјализира свој амбасадор во Приштина, откако пред девет месеци ја призна косовската државност. Властите во Скопје тактизираат од две причини: не е ратификуван договорот за конечно обележување на границата, иако нејзината демаркација е направена во над 90 отсто од линијата на разграничување. Но се‘ уште се спорни неколку стратегиски коти на падините од Скопска Црна Гора. Вториот мотив е исчекувањето што ќе реши Меѓународниот суд на правда, каде што Србија побара правно мислење за отцепувањето на Косово. Македонија во Хаг не испрати одговор зошто го призна Косово, што судиите на Меѓународниот суд го побараа од сите педесетина земји. Од друга страна, не е исклучено Македонија и Црна Гора, што истовремено ја призна независноста, така да постапат и со испраќање на свои амбасадори во Приштина.

Топи повикува земјите од регионот да ја признаат косовската независност

Mazedonien Ohrid See

Претседателите работат на дипломатските односи во Охрид

Албанскиот претседател исто така беше во Охрид. Тој посредуваше во дијалогот Иванов – Сејдиу, неодамна во Тирана, откако косовскиот претседател демонстративно ја откажа првата посета на Македонија.

Бамир Топи ги повика земјите во регионот да ја признаат косовската реалност и неговите лидери да учествуваат на регионалните самити. Но, кон официјализирањето на Косово се‘ уште има различни однесувања. Неодамна Сејдиу не беше повикан на претседателскиот самит во Подгорица, но затоа пак на средбата Кроација, во Дубровник, не допатува шефот на дипломатијата на Србија, поради учество на косовскиот министер за надворешни работи.

Побрзо воспоставување регуларни амбасадорски релации, неодамна побара и македонската бизнис-заедница, која го потенцира значењето на косовскиот пазар и суфицитот од над 170 милиони евра што Македонија го има со извозот кај својот сосед.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM