1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Таинствено исчезнување на ирански научник

Киднапиран или побегнал? Иран се‘ уште ја решава загатката околу исчезнувањето на еден од важните атомски научници, обвинувајќи ги САД дека ги замешале прстите.

default

Иранска атомска централа

Што се случило со Шарам Амири? Веќе неколку месеци од него нема ниту трага. Иранскиот научник на 31 мај тргнал на пат во Мека во Саудиска Арабија, за да ги посети светите места на исламот. Неколку дена подоцна се јавил кај својата жена во Техеран, оттогаш од него нема никаква трага.

Целата работа не би била толку интересна, зашто во цел свет исчезнуваат луѓе кои подоцна ненадејно повторно се појавуваат. Но, Шарам Амири не е било кој: тој е соработник на иранските атомски служби. Според она што го пишува интернет страницата Џаханањуз, блиска на радикалите, тој работел во новата нуклеарна постројка за облагородување на ураниум во близина на Ком, за чие постоење светската јавност дозна дури пред неколку недели.

Шпекулациите околу Амири се засилија особено поради фактот што првите јавни информации за постоењето на втората иранска атомска постројка дојдоа лично од устата на американскиот претседател Барак Обама на средбата на Г20 во Питсбург. Дали иранскиот научник е киднапиран или можеби самиот пребегал кај Американците?

Iran Atomstreit - Iranische Atomanlage Buschehr

Официјален протест на Техеран

Иранскиот министер за надворешни работи Манушер Мотаки случајот официјално му го изнесе на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун и го обвини Вашингтон дека замешал прсти во случајот. Американските власти го откриле постоењето на втората иранска нуклеарна централа врз основа на информации од различни разузнавачки извори. Дали во нив спаѓа и Амири? Иранската молба до Саудиска Арабија за доставување информации околу престојот на научникот до денеска е без одговор.

Амири патем не е првиот Иранец кој не се вратил од патување во странство. Во 2007 година тогашниот заменик ирански министер за надворешни работи и генерал Али Реза Аскери не се врати во татковината по патувањето во Турција. Американските весници подоцна објавија дека тој на Американците им дал драгоцени податоци.

Минатата недела арапскиот весник „Аш Шарк Авсат“ објави дека ирански трговец, наводно кој тргувал со оружје, исчезнал во Грузија. Дали Западот знае повеќе за иранската атомска програма отколку што би сакал Техеран?

Автор: Улрих Пик/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска