1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Тадиќ на Косово

Српскиот претседател, Борис Тадиќ е во дводневна посета на Косово. Тој е првиот српски претседател кој дошол во покраината по воспоставувањето меѓународна управа во 1999 година. Тадиќ го повика шефот на УНМИК, Сорен Јесен Петерсен, на заедничка работа за решавање на проблемите на Косово.

Борис Тадиќ

Борис Тадиќ

Невидено обезбедување – сите косовски полицајци вчера и денеска се на должност. Тие заедно со полицијата на ОН, вкупно околу десет илјади, треба да го заштитуваат српскиот претседател, Борис Тадиќ, кој ноќта ја мина во Велика Хоча. Во селото, кое се наоѓа кај Ораховац, во куќи на мештаните се сместени и десетици странски и домашни новинари. Тадиќ, претходно, во Приштина разговараше со шефот на УНМИК, Сорен Јесен Петерсен, по што изјави дека Србите во регионите што тој вчера ги посетил, живеат во изолација која во моментов делува непремостливо. Србија, според Тадиќ, има две политики кон Косово. ”Едната политика е политика на недејствување, која е политка на предавство, како Косово и Метохија веќе да станало независна држава, а втората е политика на конкретна борба и јас сакам кон Косово да водам таква политика”, рече српскиот претседател.

Петерсен изрази очекување дека Тадиќ ќе испрати сигнал на подготвеност на Белград да изгради мостови на доверба, како и надеж дека српскиот претседател ќе има прилика да разговара со претставниците на сите заедници на Косово.

Во Приштина, Тадиќ имаше средба и со командантот на КФОР, Ив де Кермабон, а за време на разговорите со генералот и со Петерсен, пред седиштето на УНМИК беа собрани десетици членови на семејствата на Албанците исчезнати за време на судирите на Косово.

Во сите српски места што ги обиколи во текот на вчерашниот ден – Шилово, Черница, Штрбац и Велика Хоча, српскиот претседател на локалните лидери им подари знаме на Србија. ”Не сакам никој да помисли дека Србија постапува по старо. Сакам да го врачам знамето како симбол на нашето постоење, со уверување дека овде и натаму ќе постоиме”, рече Тадиќ. Тој денеска треба да ги посети и Косовска Митровица и манастирот Дечани.