1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

С. Кореја најави дека наскоро ќе изврши тест на атомска бомба

Намерата, објавена синоќа преку телевизијата, е образложена со закани, притисок и санкции од страна на САД

Најавата од Северот- тема на денот во Ј. Кореја

Најавата од Северот- тема на денот во Ј. Кореја

Режимот во Пјонгјанг од пред една ипол година тврди дека поседува атомско оружје. Најавата за скорешна проба се толкува како обид да се изнуди укинување на очигледно ефикасните американски финансиски санкции - Министерството за надворешни работи во вчерашното соопштение посебно ги критикуваше американските санкции. Но, се проценува и оти Северна Кореја сака да докаже дека не е „тигар од хартија“, особено откако во јули годинава не успеа тестот на ракета која наводно може да стигне до американска територија - таа експлодира неколку секунди по лансирањето.

Иако не е наведен попрецизен датум за атомскиот тест и прашање е дали воопшто ќе биде извршен, и самата најава предизвика загриженост во светот, пред се’ во соседството на Северна Кореја. Се страхува дека евентуален таков тест би можел да предизвика трка во вооружување на азискиот исток, можеби дури и на атомско вооружување.

Тестот, според американскиот министер за надворешни работи Кондолиза Рајс, би бил „многу провокативен акт“ и закана за источна Азија. Германскиот министер Франк-Валтер Штајнмаер изјави: „Заеднички со другите европски влади апелираме за откажување од сега најавените атомски тестови, како и од натамошно кршење на Договорот за неширење на атомското оружје. Сметаме дека е итно неопходно враќање кон шестпартитните разговори и ја повикуваме Северна Кореја сега да ги создаде неопходните предуслови за тоа“.

Најавената атомска проба ЕУ ја нарече неодговорен и ескалирачки чекор, а НАТО смета дека таа би била закана за „мирот и безбедноста во Азија и во светот“. За севернокорејската најава денеска ќе расправа Советот за безбедност на ОН. Јапонија ги означи како „неприфатливи“ намерите за атомска проба, Јужна Кореја побара откажување од тие намери, Русија ја повика Северна Кореја на умереност, а Кина се воздржа од критика и само побара нова рунда на шестпартитните преговори.