1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Сјајно издание на Шведска, денеска нов шлагер: Германија против Холандија

Европското фудбалско првенство им приредува се‘ повеќе задоволство на љубителите на тој спорт: синоќа видовме едно сјајно издание на Шведска, денеска претстои дуел од фудбалската класика – Германија против Холандија.

Љунгберг, Ларсон и Ибрахимовиќ - стрелци на головите против Бугарија

Љунгберг, Ларсон и Ибрахимовиќ - стрелци на головите против Бугарија

Уводното загревање траеше кусо, на првенството се игра се‘ подобар фудбал. По солидното второ полувреме од дуелот меѓу Италија и Данска, синоќа бевме сведоци на ретко убава фудбалска претстава - Швеѓаните извонредно ги искористија слабостите пред се‘ во одбраната на бугарската репрезентација и остварија фантатстична победа од 5 спрема 0. Резултатот од една страна е и превисок, бидејќи долго време бугарските фудбалери беа рамноправен, на периоди и подобар партнер, но не ги искористија создадените шанси. Швеѓаните играа на контранапади, а им помогнаа и лошо поставените офсајд-стапици на противничката одбрана. Двата гола за само две минути на повратникот во шведската репрезентација Ларсон беа увод во бродоломот на Бугарите, а им претходеше погодокот на Фредрик Љунгберг.

“Беше многу важно да се отвори играта и ние по тој гол игравме малку подобро” - рече стрелецот на првиот гол за Швеѓаните.

Што беше синоќа овде е речиси заборавено, зашто денеска претстои првиот настап на германската селекција - и тоа веднаш во големиот дуел против Холандија. Традицијата вели: Германија никогаш досега не го загуби првиот натпревар на европските првенства – четири средби одигра нерешено, четири пати победи – и потоа во три наврати ја освојуваше титулата. Победа против Холандија, значи би била добар знак, дотолку повеќе што против тој противник Германците не му се израдувале на успех веќе цели осум години, од април 96-та во Ротердам и победата со 1 спрема нула со голот на Клинсман. Од сегашните репрезентативци тогаш единствено настапи Кристијан Циге. Вкупниот биланс на Германија против соседот е позитивен 13 победи, 10 порази, 12 нерешени средби.

Германците со многу респект го оценуваат соседот, но тренерот на репрезентацијата Михаел Скибе, кому селекторот Руди Фелер му ја препушти улогата на портпарол, укажува дека и кај Холанѓаните не е се‘ супер: “Тие се разбира имаат и слабости и соодветно на тоа ние на нашите играчи ќе им укажеме не само дека кај Холанѓаните е се‘ прекрасно и супер, туку и дека имаат и по некоја слабост во играта што ние мора да ги искористиме за да дојдеме во гол шанса и да победиме”.

Михаел Балак има ваков рецепт за успех: “Мислам дека мора да се пријде агресивно, дури до границата на дозволеното. Мора да се стори се‘ за Холанѓаните да ги импресионираме. Не смееме едноставно да ги оставиме да играат, зашто ако тие дојдат во игра, тогаш е тоа лошо за противникот, па ние мора тоа да го спречиме”.

Натпреварот се игра во Порто во 20 часот и 45 минути. Пред тоа во 18 часот во Аверо во рамките на истата “Де”-група се среќаваат Чешка и Летонија.