1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Су Чи 21 година по Нобеловата награда го одржа победничкиот говор

Лидерката на мјанмарската опозиција Аунг Сан Су Чи денеска ја прими Нобеловата награда за мир, која и’ беше доделена во 1991-ва година, додека беше во куќен притвор. Таа вети дека ќе продолжи да се бори за демократија.

Една година откако во Мјанмар, или поранешна Бурма, започнаа да се чувствуваат промени, Аунг Сан Су Чи можеше конечно да го одржи говорот по повот примањето на Нобеловата награда за мир, доделена пред повеќе од две децении. Таа вети дека ќе продолжи да работи на национално помирување во југоисточната азиска држава, но забележа дека и натаму во неа остануваат политичките затвореници и продолжува етничката нетолеранција.

„Мојата партија, Националната лига за демократија, и јас сме подготвени да одиграме улога во процесот за национално помирување“, рече Су Чи во говорот во Осло.

Aung San Suu Kyi Nobelpreis Oslo Norwegen

Су Чи се залага за мирољубив свет во кој ќе спиеме безбедно и ќе се разбудиме среќно

Таа имаше цвет во главата, носеше традиционален саронг и пурпурен свилен шал. Делуваше емотивно и доби овации во Градското собрание во Осло, каде присуствуваа достоинственици, членови на кралски семејства и граѓани на нејзината земја протерани во егзил.

Аунг Сан Су Чи рече дека освојувањето на Нобеловата награда за мир за неа претставувало поттикнување да ја продолжи битката. Со доделувањето на наградата, според неа, комитетот „признал дека угнетените и изолираните во Бурма се исто така дел од светот и го признал единството на светот“.

Таа рече дека има претпазлив оптимизам за транзицијата во нејзината земја од воено раководство кон демократија. Су Чи се бори за демократија од 1988-ма година. За годините минати во куќен притвор, таа вели дека често имала чувство како повеќе да не е дел од реалниот свет.

„Целосниот мир во нашиот свет е ностижна цел. Но, тоа е цел кон која мораме да продолжиме да одиме со поглед фиксиран во него, како кога патникот во пустината со погледот ја фиксира ѕвездата водилка, која ќе го одведе во спас“, рече Су Чи.

Aung San Suu Kyi Nobelpreis Oslo Norwegen

Двонеделното патување во Европа е прво патување во странство за Аунг Сан Су Чи во последните 24 години

Конечната цел треба да биде создавање свет без раселени, бездомници и бегалци, свет во кој жителите ќе имаат „слобода и можност да живеат во мир“.

„Секоја мисла, секој збор и секое делување кои создаваат нешто позитивно и корисно се придонес за мирот. Секој од нас може да направи таков придонес. Ајде да се здружиме и да се обидеме да создадеме мирољубив свет, во кој ќе можеме да спиеме безбедно и да се разбудиме среќно“, рече Су Чи во Осло.

Лидерката на опозицијата е пуштена од домашен притвор во ноември 2010-та година. Таа беше во куќен притвор речиси 15 години. Во месец април годинава освои пратеничко мество во парламентот. Во двонеделната обиколка на Европа, 66-годишната Су Чи ќе ги посети и Велика Британија, Ирска и Франција, а пред Норвешка ја посети и Швајцарија. Ова е прво нејзино патување во странство во минативе 24 години.