1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Суфии-мистична форма на исламот

Поимот суфии или дервиши, како што уште се нарекуваат, обично се поврзува со муслиманските земји. Но, нив ги има и во европските држави. Во Германија има околу 5000 припадници на мистичната форма на сунитскиот ислам.

default

АИСА-заедницата на суфии во Германија

Ритмичко пеење и повици- „Ла илаха ила Алах“, „Не постои друг господ освен господ“, одекнуваат преку прозорците од една куќа во центарот на Риселхајм, токму наспроти христијанска црква. Завиткани во бели наметки, мажите, жените и децата се свиткуваат во тактот на пеењето. Сите се членови на Суфи-редот Алавија. Нивните песни ја искажуваат нивната љубов кон бога. Преку т.н. „алмунадјат“, дијалог со господ, пак, се изразува верата на муслиманите и се рецитираат 99-те имиња на Алах.

Мистиката е срж на сите религии

Бидејќи во Германија не е можно основање на суфиски ред, во 2007 година како замена беше формирано Здружението АИСА (Асоцијација на интернационалниот ред Алавија, Рајн Мајн), најголемо од овој вид во Европа. Така, редот Алавија, чии припадници претежно се наоѓаат во Франција и Алжир, сега има свој огранок и во Германија. Овде се регистрирани 120 членови.

Тауфик Хартит, претседателот, за особеноста на оваа форма на исламот: „Мистиката според мене, е токму она што е сржта во секоја религија. Мистиката е платформа која успева оваа срж, која е апсолутно идентична во сите религии, да ја обработи и да ја пренесува со векови“.

Symbolbild Derwisch

Дервиш од Турција

Мистиката на суфиите е насочена кон максимално приближување до бога. Тие веруваат дека тој е постојано присутен во човечките срца. Преку т.н. „Дикр“, кој се состои од молитви, пеење и редовна медитација, можно е надминување на сопственото его и наоѓање на бога. Должноста на еден муслиман, како секојдневните молитви, останува недопрена.

Церемонијата „Дикр“ се изведува поединечно или групно, а нејзин спореден ефект е запаѓањето во состојба на транс. Заедниците, како редот Мевлеви во Турција се познати и како танцувачки дервиши.

Суфизмот наидува на критики кај дел од муслиманите

Суфизмот, почнувајќи од седмиот век, станува централен дел на исламската култура. Тој бил раширен во сите слоеви и се развивал пред се‘ во Египет, Мароко и Судан. Влијанието на мистичниот ислам не останало ограничено само на исламскиот свет. Во 1920-те години Индиецот Хазрат Инајат Кан го основал меѓународното суфистичко движење во Западна Европа. Но, кај така наречените православни муслимани спиритуалниот ислам наишол на одбивност, пред се‘ во Иран и Пакистан. Една од причините е тоа што, според нив, музиката, танцот и медитацијата имаат пагански корени и не се исламски.

Јирген Васим Фрембген, етнолог и раководител на Одделението за ориент во Државниот музеј за етнологија, открива уште една друга причина: „Тврдокорните муслимани секогаш сметале дека имаат монопол над вистината, дека ја поседуваат. Тоа до денес е присутно во фундаменталистичките, екстремистички движења. Суфиите се постојано критикувани поради нивната потрага по вистината, поради нивната лична врска со господ“.

Sufismus Tanz

Танц на суфиите

Отвореност кон другите религии

Додека некои братства во земјите како Египет бележат се’ поголема бројност, во Германија постојат само 5 илјади членови, поврзани во здруженија.

Членовите на АИСА се ангажирани во работат со младите од своите редови, но и надвор од нив. Спиритуелниот учител на редот, Шеик Бентунес, планира марш на млади од сите религии низ поголемите германски градови со т.н. Факел на надежта, еден вид Олимписки оган.

Суфистите се исклучително толерантни кон другите религии. Тауфик Хартит радо прима припадници на други вери при молитвите на суфиите:„Во секој човек дише духот на господ, како што потврдуваат и коранот, библијата и другите свети писма. Затоа суфиите немаат проблеми во контактите со луѓето со поинакви верски определби“.

Автор: Кристина Бајерт/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска