1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Суспензијата на безвизниот режим е казна за граѓаните

Економската миграција не се решава со суспензија на безвизниот режим, туку со економски развој и отварање на нови работни места, велат дел од соговорниците на ДВ по усовениот механизам на ЕУ

Механизмот што го усвои Советот на министри на Европската Унија за суспензија на безвизниот режим, со кој под специфични околности се овозможува привремено повторно воведување визен режим за земји од Западен Балкан и трети земји, наиде на реакции во македонската јавност. Иако механизмот ќе се применува само ако дојде до пораст на нерегуларен прилив на бегалци, на неосновани барања за азил или при непочитување на договорот за реадмисија, во Македонија постои страв дека може да се случи неправедно да бидат казнети најголемиот дел од граѓаните, кои на никаков начин не учествуваат и не можат да влијаат врз исполнувањето на тие стандарди и процеси.

Казна за граѓаните

Таквиот став го дели и Павле Трајанов, лидер на владејачкиот Демократски сојуз и поранешен министер за внатрешни работи.

„Механизмот што го усвои ЕУ за суспензија на безвизниот режим, претставува сериозна можност за повторно затворање на границите за слободен проток на луѓе и капитал и негативно ќе се одрази врз нашата земја. Овие мерки се спротивни на определбите за слобода на движењето, размена на искуства и идеи. ЕУ инсистира на прифаќање на нивните стандарди, но со изолација на балканските држави, многу директно ќе влијае на зголемување на економската криза и на стабилноста. Овој механизам е пред сѐ казна за граѓаните, а не за политичките водства. Економската миграција не се решава со стегање на обрачот околу нас, туку со економски развој и отварање на нови работни места“, потенцира Трајанов.

Weißrussland Schengen Visum

Граѓаните стравуваат дека повторно ќе се вратат долгите редици за визи пред амбасадите

Граѓаните се уште не се доволно информирани за одлуката на Советот на министри на ЕУ, но оние што ја слушнале „лошата вест“ од Брисел, се разочарани.

„Ако се случи суспензија на безвизниот режим, прва слика што ми излегува пред очи е долго чекање за виза во амбасадите, собирање куп документи, трошоци за виза, нервози, губење време и генерално отежната комуникација со Европа. Тоа страшно ме разочарува и ми ја колеба вербата во европските заложби за слобода на движење и за Европа како заеднички дом“, вели Н.С., професорка по англиски јазик.

Во „чаршијата“, пак, веќе се лицитира за колку проценти ќе пораснат барањата за бугарски државјанства, кои и според бугарските медиуми, и онака бележат тренд на пораст во споредба со минатите години.

Погрешна и штетна одлука

Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции, кој најголемиот дел од неговиот мандат го посвети на заложбите за обезбедување визна либерализација за македонските граѓани, смета дека „ова е мошне погрешна и штетна одлука“.

„Се уште не верувам дека постои реална шанса да и се случи такво нешто на Македонија со оглед на тоа што бројот на азиланти е намален. Со оваа одлука европските влади ги негуваат националистичките, антиимигрантските и ксенофобичните тенденции кај своето население. Се надевам дека никој нема да посегне кон употребата на овој механизам бидејќи тоа ќе влијае на односите меѓу земјите од Запден Балкан и ЕУ. Со еден збор ова е срамен потег. Покрај тоа, земјите-членки на ЕУ одбиваат да прифатат дека проблемот со азилантите го предизвика тие самите, со тоа што навреме не го прилагодија нивното законодавство на визната либерализација. Сега тоа е сторено. Паднат е бројот на азиланти и не постои реална причина за воведување на таквиот механизам кон Македонија. Очигледно е дека постојат антимигрантски сентименти и сентименти против доселениците од новите земји членки на ЕУ, што се засилени со економската криза. Тоа се домашни проблеми на земјите кои некои влади се обидуваат да ги решат со продавање евтина националистичка реторика. Се сеќаваме на скорешната колумна на Дејвид Камерон дека „слободното движење во Унијата треба да биде помалку слободно“, како и пишувањата на некои германски медиуми за туризам предизвикан од социјалните поволности што ги нуди германската држава на благосостојбата. Ова не смее да се прекрши врз балканските држави“, категоричен е Боцевски.

Виновна е власта?

Во опозицискиот СДСМ, пак, проблемот го лоцираат во „ погрешните политики

Politik Skopje, Mazedonien

Седиштето на СДСМ

на ДПМНЕ и на ДУИ“.

„Факт е дека со овој механизам, безвизниот режим на Македонија и на другите држави, станува ранлива категорија. Иако воведувањето на механизмот за суспензија само по себе не е опасност, бидејќи пред него постоеше опасност секоја држава-членка поединечно да ги воведува визите од една или друга причина, во нашиот случај ова само го зголемува ризикот ако се земат предвид погрешните политики на ДПМНЕ и на ДУИ. Буџетот за 2014 само го потврдува тоа- повторно нема пари за општините и местата каде што живеат групите кои најмногу патуваат за да бараат азил во државите-членки на ЕУ. Во случајот со Ромите ова претставува уште поголема опасност, ако се знае дека македонските власти неколку години наназад спроведуваат т.н. „расно профилирање“ на граничните премини на државата, наместо да развиваат политики преку кои ќе се инвестира во нивното останување во Македонија. Ова претставува прекршување на едно од основните човекови права - правото на мобилност. Згора на тоа, бројот на Ромите кои се уште немаат лични документи во Македонија е голем, а тоа беше еден од условите кои Македонија мораше да ги исполни за да добие визна либерализација. Би сакале да потсетиме на иницијативата на четири битни држави-членки на ЕУ - Германија, Данска, Холандија и Финска, со која од Европскиот совет се бара преиспитување на исполнувањето на темелните права кај самите држави-членки на ЕУ. Но, голема е и веројатноста дека и Македонија наскоро може да се најде на тапет, ако власта не ги коригира своите политики. Ние предупредувавме подолг временски период за вакавата опасност“, велат од СДСМ.

МВР со широк спектар активности

Во владејачката партија ваквите оценки ги отфрлаат како неаргументирани и пример за ефтин популизам на опозицијата, а од МВР презентираат широка лепеза на активности против можноста овој механизам да биде активиран за Македонија. Одлуката и начинот на кој ќе се имплементира оваа одлука, за жал не зависи од Репбика Македонија и немаме механизам со кој би влијаеле на нејзина измена или укинување, вели Иво Котевски, помошник мниистер за односи со јавноста во МВР.

„Тоа што зависи од нас е продолжување на напорите за спречување на т.н. лажни азиланти. Мора да се нагласи дека најголемиот дел од македонските државјани ги почитуваат одредбите од визната либерализација, а само мал дел се обидуваат да ги злоупотребат. Од самиот почеток на визната либерализација, кога беше детектирана ваквата состојба. МВР и Владата презедоа низа мерки во повеќе насоки. Беше формиран Висок комитет на министри, чија задача беше да ја мониторира визната либерализација и евентуалните проблеми. Прво беа преземени превентивни мерки, потоа и репресивни, а паралелно - голем спектар од социјални мерки за подобрување на статусот на лицата од ранливи

Ivo Kotevski Sprecher Innenministerium Mazedonien

Иво Котевски

групи за кои беше детектирано дека начесто го злоупотребуваат безвизниот режим“, објаснува Котевски.

Во сферата на превенција, направени се измени во Кривичниот законик и воведено е ново кривично дело поврзано со злоупотреба на безвизниот режим. На централно и локално ниво се организирани трибини и кампањи, а дистрибуирани се и мноштво спотови и едукативни материјали за важноста од почитувањето на визната либерализација, односно за последиците од нејзината злоупотреба. Формирани се и 12 Информативни центри за припадниците на ромската етничка заедница, поради детектирани ранливи групи во неа, подложни на мотивација за злоупотреба на визната либерализација. Од МВР посочуваат дека во сферата на репресивните мерки, спроведени се и засилени контроли на граничните премини и спречени се голем број лица да ја напуштат земјата, поради отсуство на валидно покритие за патувањата. На оваа основа, според Котевски, од април 2011 до ноември 2013 година, на 13.000 државјани на Македонија не им бил дозволен излез од земјата. Само од јануари до септември годинава, излез од Македонија не им бил дозволен на 4.300 лица. Исто така, спроведувани се и чести акциски контроли во туристички агенции и претпријатија за патнички превоз и кривично се санкционирани случаи на злоупотреба на безвизниот режим. Поднесени се 15 кривични пријави против 27 лица, од кои дел имаат епилог- 4 пресуди изречени од Основниот суд Скопје 1, од кои едната е веќе правосилна.

Тој потсетува и на цела низа социјални интерресорски мерки со кои се интервенира во подобрувањето на животот на ранливите социјални групи, особено на Ромите: инвестирани 10 милиони денари за инфраструктурни проекти, инклузија на деца Роми во предучилишни установи, стипендии за средношколци и доделување социјални станови.

„МВР прави се што е во рамките на нашите ингеренции, за да не дозволиме последиците да почувствуваат најголем дел од нашите државјани заради неодговорен однос на еден мал дел, кои се обидуваат да го злоупотребат безвизниот режим“, порачува Котевски.

Поврзана содржина