1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сузбивањето на насилството меѓу младите во БиХ e (не)возможна мисија

Насилството меѓу младите во БиХ добива загрижувачки размери. Експертите велат дека општеството нема ефикасни инструменти за негово сузбивање. Социолозите се загрижени и поради штетното влијание на некои западни трендови.

Професорот на Факултетот за криминалистички науки во Сараево Елмедин Муратбеговиќ смета дека девијантните однесувања на децата во БиХ не се споредливи со остатокот од модерна Европа, односно со Западот. Тој тврди дека БиХ има релативно ниска стапка на престапи меѓу младите лица, „иако медиумите често го наведуваат спротивното“. Муратбеговиќ предупредува дека босанско-херцеговското општество нема капацитети со третмански пристап да влијае врз децата кои се во судир со законот.

„Тие деца често се препуштени сами на себе и искуствата, на кои се повикуваме, од службите за спроведување на законот очигледно дека се недоволни. Или нема искуство или тоа е неадекватно или, пак, методите кои ги употребуваат дефинитивно се без ефект. Таму каде што ние ја губиме битката е токму во училиштата. Тие одамна го загубија воспитниот карактер“, вели професорот Муратбеговиќ.

Тој додава дека во Босна и Херцеговина малку се размислува како да се развие систем за рано препознавање на престапничкото или асоцијално однесување на младите. Муратбеговиќ смета дека „со децата не се работи, а педагозите се претворени во социјални работници“.

Flash-Galerie Gewalt an der Schule

Во Босна и Херцеговина не се размислува за развивање на систем за рано препознавање на асоцијалното однесување кај младите

Комплициран и нецелосен систем на безбедносните служби

Тој верува дека надлежните служби во БиХ со капацитетот, а до некаде и со обуките, можат да ја заштитат сигурноста на младите. Но, тој предупредува на една работа.

„Со волкав број на служби кои немаат специјализирани одделенија за деца во некој криминолошки фокус, а и генерално во системот на формална социјална контрола, ни фали тој елемент за специјализација за работа со деца“, вели професорот Муратбеговиќ.

Коментирајќи го за Дојче веле феноменот на насилство над децата во училиштата во САД, социологот од Бања Лука Иван Шијаковиќ потсетува дека „во Америка секој има оружје кое може да биде употребено во кој било момент“. Тој нагласува дека „на компаниите им е важно да го продадат оружјето, без оглед на кого тоа ќе му дојде во раце, а растењето во таква атмосфера порано или подоцна ги наведува луѓето на помислата дека оружјето требаат и да го употребат“. Социологот смета дека „западното темпо на живот исфрли од игра многумина, а во неа можат да се вратат само преку некој спектакуларен потфат, па оружјето може да биде средство за афирмација“.

„Тој еден вид на заробеност, тој вид чувство на тешкотија, чувство на страв од секого едноставно даде инерција која се изразува на тој начин што масакрот го сметаат за сосема нормален“, вели Шијаковиќ.

Computerspiel Gewalt

Компјутерските игри и филмовите предизвикуваат агресивно однесување, предупредуваат експертите

Американизација на Балканот

Социологот смета дека ниту државите од западно-балканскиот регион не се далеку од таквата атмосфера, „бидејќи дваесетина години наназад и овој регион оди кон тој тип на американизација на општеството без ограничување и денес во секој момент може да се очекува некој кај нас да повлече оружје“. Тој потсетува несоодветното образование и социјализација низ која минуваат децата, како и на одредени штетни влијанија на некои западни трендови.

„Погледнете ги само филмовите или компјутерските игри кои сугерираат дека единствениот начин за да дојдете до нешто е да направите лом и крш, да убиете луѓе, да уништите имот. Така што мислам дека тој вид на идеологија едноставно завладеја со денешната култура“, вели Шијаковиќ.

Експертите предупредуваат на зголемување на малолетничката деликвенција, криминалот и арогантното однесување на младите. Исто така предупредуваат на големите количини нелегално оружје во Босна и Херцеговина. Според некои проценки, во оваа земја има околу 750.000 парчиња нелегално оружје, што се смета за последица од војната.