1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Суд ја поништи одлуката за затворање на ЕРТ

Највисокото правосудно тело во Грција, Државниот совет, вчера вечер ја поништи владината одлука за гасење на државната телевизија и државното радио, која премиерот Андонис Самарас ја нарече мерка на штедење.

Државниот совет истовремено и’ наложи на ЕРТ да продолжи со емитување на програма додека не биде реализирана одлуката на владата да се формира нов национален емитер.

Одлуката на Државниот совет беше соопштена додека Самарас одржуваше итен состанок со коалиционите партнери, кои инсистираат да се повлече одлуката за гасење на државната телевизија и радио. Пресудата дојде шест дена по ненадејната одлука на премиерот Самарас за затворање на ЕРТ со цел државата да заштеди пари. Тоа ги натера синдикатите и новинарите да протестираат.

Пресудата на Државниот совет можеби го спречи и падот на грчката влада, затоа што ПАСОК и Демократската левица најавија излегување од владата доколку Самарас не ја повлече одлуката, која наиде на општа осуда, и тоа не само во Грција. Апел до Самарас да ја укине одлуката упати и Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која на вработените во ЕРТ им овозможи, и покрај забраната, да емитуваат 24-часовна програма преку интернет.

По синоќешната пресуда сите засегнати страни изјавија дека извојувале победа. Но, пресудата на судот не прецизира дали ЕРТ мора повторно целосно или делумно да емитува програма, до создавањето на новиот медиум.

Како што информираше неименуван извор од владата, Самарас вчера повторно предложил државната радио и телевизија да биде „привремено повторно отворена“ под раководство на трипартиска комисија. Комисијата, составена од претставници на трите партии во владината коалиција, ќе има задача да именува одреден број новинари кои ќе работат на државната радио и телевизија, додека не биде усвоен нов предлог закон за јавнот медиумски сервис, изјавил Самарас. При создавањето на новиот сервис ќе помогнат странски консултанти од БиБиСи и други европски компании.