1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Судски процес со далекусежни последици за иднината на Турција

Турското правосудство реши да ја прошири истражната постапка во случајот со убиениот новинар од ерменско потекло и на државните служби.

default

Хрант Динк при интервју за една новинска агенција во ноември 2006-та

Според Судот што го отвори процесот во понеделникот, постојат доволно елементи за сомневање дека силите за безбедност имале информации за подготвувањето на убиството, но не презеле ништо да го спречат. Двајца од главно обвинетите дури тврдеа дека работеле за турските служби за безбедност.

Судскиот процес против лицата вмешани во убиството на турскиот новинар од ерменско потекло, Хрант Динк, ќе има далекусежни последици – смета Баха Гингер во следниот коментар.

Сите индиции зборуваат за тоа дека и во ова убиство со политички мотиви биле вмешани и темни ликови од безбедносниот апарат на Турција – и тоа како налогодавци. Ако се потврдат сомневањата, тогаш е можно и убиството на Хрант Динк на отворена улица да се вброи во серијата само површно разјаснети убиства од последните години, на кои како жртви им паднаа новинари, писатели, интелектуалци, па и политичари. Заеднички именител за сите нив е тоа што се осмелиле поинаку да мислат и уште тоа јавно да го соопштат. Сите нив ги убија лица кои се декларираат како “спасители на Турција“.

Новинарот Хрант Динк јавно повикуваше Турција да ги прифати старите долгови од Османлиското царство, како на пример масакрот врз Ерменците во 1915/1916 година, во екот на Првата светска војна. Динк меѓутоа исто така ги критикуваше и одлуките на некои европски парламенти, како на пример францускиот, кои негирањето на овој геноцид го направија дело казниво по закон.

Покрај ваквите угледни личности во последно време жртви станаа и обични луѓе од неисламските заедници во Турција. Тие беа застрелани од заслепени млади луѓе, зад кои секако стојат добро промислени налогодавачи. Тие треба всушност да бидат откриени и конечно изведени пред лицето на правдата. Во спротивно на Турција и‘ се заканува фатално назадување на патот кон европските вредности и стандарди во 21. век.

Што е уште важно, тоа е да не се губи надежта во мирен соживот на разните етнички и религиозни групи во Турција. На нејзина територија се наоѓаат центри на поранешни цивилизации во кои имало корени на демократија и коегзистенција на различните вери и идеологии. Од таквата идеална состојба меѓутоа Турција е денес многу оддалечена. Тоа што такви проблеми имале и други земји, кои сега се членки на европското семејство, не и‘ помага многу на Турција. Ним во голема мера им помогна про-европската ориентација. И на Турција затоа и‘ е неопходна европска перспектива. Европејците би требало да се чувствуваат со-одговорни за таквиот развој на земјата, во кој ќе им бидат поставени пречки на темните манипулации на ултранационалистите – се‘ до грозни убиства. Современите вредности на модерните општества се најдобриот и најефикасниот против-отров за таквите кругови, кои себе си се нарекуваат “спасители“ на нацијата. Од нив секако може да се ослободи само Турција самата, но за тоа и‘ треба поддршка од Европа.

Дотолку расветлувањето на случајот Хрант Динк може да се претвори во пробен камен за вкупниот напредок на Турција кон Европа.