1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Судот ги обвини новинарите дека му ја загрозуваат независноста

Новинарите кои протестирале против продолжениот притвор за новинарот Томислав Кежаровски ја загрозувале независноста на судството во земјата, се огласи Кривичниот суд во Скопје. Кежаровски го прекина штрајкот со глад.

Поединци и групи го злоупотребуваат медиумскиот простор преку различни иницијативни одбори со организирање на протести пред судот за да се прави упат во независноста на судскиот систем, реагираат од Кривичниот суд во врска со денешниот протест на новинарите кои излегоа да го изразат револтот од продолжувањето на притворот на новинарот Томислав Кежаровски.

„Најостро реагираме на вака воспоставената медиумска пракса за вршење притисок врз судот од страна на поединци и групи кои на овој начин злоупотребувајќи го медиумскиот простор преку таканаречени форми на слобода на изразување го изразуваат незадоволството од очекуваниот тек на постапката, па со оваа цел, преку различни ’иницијативни одбори’ и други интересни групи, со организирање на протести пред судот ставајќи се над законот и уставот на Република Македонија, која има долгогодишна демократија и преку своите институции, а особено преку судската власт ги гарантира човековите права и слободи. Со ваквото постапување од поединци и групи се прави упад во независното функционирање на судскиот систем и примена на законите, се загрозува правниот поредок и правната еднаквост на граѓаните“, се вели во соопштението од Судот.

Кежаровски го прекина штрајкот со глад

Новинарот на дневниот весник „Нова Македонија“ Томислав Кежаровски, кој се наоѓа во притвор, по апелите од колегите и семејството одлучи да го прекине штрајкот со глад којшто го почна во понеделникот. Кежаровски почна штрајк со глад поради тоа што немаше одговор од надлежните власти зошто е во притвор и дали ќе биде продолжен неговиот притвор откако како гаранција заложи недвижен имот, па неговата психичка и физичка состојба се повеќе се влошуваше.

Притворот за Кежаровски го осудија домашните новинарски здруженија, а реагираа и претставници на европските новинарски здруженија, ОБСЕ и Канцеларијата на ЕУ во Македонија.

„Уште еднаш ја нагласувам важноста да им се овозможи на новинарите да прават истражувачки стории за прашања од јавен интерес, ослободени од заканата од затвор и без да бидат принудени да ги откријат своите извори“, изјави претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ.

„Апелирам до властите во Скопје да се разгледа ова прашање како итно и сериозно. Продолжувањето на притворот за Кежаровски веќе има големо влијание врз слободата на медиумите во земјата", апелира Мијатовиќ.

„Сакаме да истакнеме дека легислативата на земјата налага мерката притвор да биде сведена на најкраткото нужно време и сите институции надлежни за спроведување на законот да дејствуваат итно да за да се забрзаат случаите во кои обвинетите се во притвор пред судењето. Европската делегација е загрижена за неодамнешните случувања, вклучувајќи ја и одлуката на новинарот Кежаровски да започне штрајк со глад“, се вели во реакцијата на ЕУ.