1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Судири при Портокаловата парада во Северна Ирска

Традиционалниот годишен марш на Портокаловиот ред во Ирска е засенет од судирите меѓу радикалните протестанти и полицијата. Полицијата побара засилување за справување со судирите.

Во северноирскиот град Белфаст втора ноќ по ред избија судири. Протестантските предизвикувачи на немирите во населбата Вудвил со молотови коктели, камења и шишиња гаѓале врз полицијата, информираше британската новинска агенција ПА. Силите за безбедност употребиле гумени куршуми и водени топови против напаѓачите.

Во денешните (14.07.2013) насилства се повредени седум полицајци, соопшти портпаролот на северноирската полиција.

Уште во текот на ноќта кон саботата во околината имаше судири. Причината за немирите беше полициската забрана маршот да се одвива и по делница во северниот дел од градот, којашто ги дели квартовите на националистите и на лојалистите. Во текот на ноќта кон саботата повредени биле повеќе од 30 лица, повеќето од нив полицајци. Исто така и долгогодишниот северно-ирски претставник во палраментот во Лонодн Нејџл Додс бил во безсвесна состојба однесен во болница, откако бил погоден во главата со цигла.

Повеќе стотици полицајци од други делови на Велика Британија, пристигнаа во Белфаст поради уличните борби.

Радикалните протестатни, кои сакаат да останат во Велика Британија со децении се во судир со католичките републиканци, кои Северна Ирска сакаат да ја видат како дел од Република Ирска.

Секоја година во јули припадниците на Портокаловиот ред во шарени костуми маршираат одбележувајќи ја годишнината од победата на протестантската војска под команда на принцот Вилијам над војската на католичкиот крал Џејмс Втори на 12-ти јули 1690 година. Портокаловиот ред, кој сега е најбројниот протестантски ред во Ирска, е формиран во 1795 година и има повеќе од 75 илјади припадници во Северна Ирска и во Република Ирска.