1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Судири на протестите во Словенија

Словенија спаѓа во земјите кои се на удар на финансиската криза во еврозоната. Утре (02.12) треба да биде избран новиот претседател на земјата. Веќе пред изборот дојде до масовни протести.

Два дена пред вториот круг од претседателските избори во Словенија, при протестната акција на илјадници критичари на владата, дојде до нивен судир со полицијата. Дваесет и шест лица беа повредени, а 30 се уапсени во синоќешните судири меѓу демонстрантите и полицијата во Љубљана.

Во протестите против корупцијата во политиката и јавните услуги учествуваа илјадници луѓе во Љубљана, Марибор и други словенечки градови. Насилството избувна кога група хулигани започнале да фрлаат камења и шишиња кон полицијата, во обид да го пробијат полицискиот кордон и да влезат во зградата на Парламентот. Полицијата употребила солзавец и водени топови.

Во судирите биле повредени меѓу 10 и 15 полицајци, а неколку учесници во протестите биле хоспитализирани.

Словенечките медиуми пренесуваат дека групата хулигани на собирот дошле опремени со гас маски и солзавец.

Министерот за внатрешни работи Винко Горенак преку социјалната мрежа Твитер и‘ честиташе на полицијата за добро извршената задача.

Во медиумите се појавија различни информации за бројот на учесниците во протестите. Едни тврдат дека имало најмалку 5.000, а некои повеќе од 10.000 демонстранти.

Протестите во Словенија поради се‘ полошата социјално-економска ситуација започнаа во Марибор, на 26. ноември. Демонстрациите во Љубљана и во повеќе словенечки градови биле организирани по пат на социјалната мрежа Фејсбук, а причина плус била и прекумерната употреба на сила на мариборскиот митинг. Граѓаните се незадоволни и од поголем број политичари од кои бараат оставка, меѓу кои е и премиерот Јанез Јанша.

Економијата во Словенија поради економската криза од 2009. година наваму бележи пад од 8 проценти, невработеноста изнесува над 12 проценти.

Во Словенија утре ќе биде одржан вториот круг од претседателските избори на кои граѓаните ќе избираат меѓу актуелниот шеф на државата Данило Тирк и поранешниот премиер Борут Пахор.