1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Судири на демонстрантите со полицијата во Иран

Во иранскиот главен град Техеран денеска дојде до судири на полицијата и опозициските демонстранти кои бараат ослободување на двајцата истакнати противници на режимот, Мусави и Каруби.

default

Протестите во Техеран на 14 февруари завршија со две жртви

Иранските безбедносни сили употребија солзавец во денешните судири со демонстрантите во главниот град Техеран. До судирите дошло за време на протестите за ослободување на двајца опозициски лидери, јави интернет-страница блиска до опозицијата.

„Безбедносните сили и луѓе во цивилна облека се судрија со демонстрантите во Техеран“, тврди страницата „Калеме“. Друг опозициски интернет-медиум јави дека голем број припадници на безбедносните сили биле распоредени низ главните улици и плоштади во Техеран со цел да спречат протести.

Поранешните претседателски кандидати Мирхусеин Мусави и Мехди Каруби не се видени во јавноста откако повикаа на демонстрации против исламскиот режим на 14 февруари годинава. На протестите кои имаа за цел и поддршка на востанијата во арапскиот свет, излегоа илјадници луѓе, а најмалку две лица загинаа во судирите со полицијата. Опозицијата за денеска закажа протести со барање за нивно ослободување.

Противниците на режимот во Иран тврдат дека Мусави и Каруби биле уапсени од полицијата заедно со нивните сопруги, но властите ги демантираат ваквите тврдења, и велат дека двајцата опозициските лидери биле задржани во домашен притвор и им бил забранет контакт со надворешниот свет.

Автор: ЖА/ројтерс

Редактор: Борис Георгиевски