1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Судири и навреди за Тројката во Атина

Демонстранти во центарот на Атина денеска се судрија со полицијата. Тие протестираа против разговорите на грчките власти со претставниците на меѓународните кредитори за фискалната реформа проследена со нови отпуштања.

Демонстрантите, претежно технички персонал од министерствата, училиштата и општински работници, протестираат поради најавите за нови отпуштања што претставуваат услов презадолжената грчка држава повторно да добие помош од странските кредитори.

Демонстрантите скандираа изреки како: „По ѓаволите со Вас крвопијци“. Учесниците во протестот на плоштадот Синтагма, каде што се наоѓа седиштето на Министерството за финансии, се обиделе да го запрат сообраќајот и со пластични шишиња фрлале кон претставниците од меѓународната Тројка. Никој од контролорите не бил погоден, бидејќи во моментите на протестот тие се наоѓале во нивните автомобили. Демонстрантите се судрија со полицијата која ги растера со солзавец и гумени палки. Тројца демонстранти се повредени додека 16 биле приведени од страна на полицијата, јави државната телевизија.

Претставници на меѓународната Тројка од почетокот на неделава престојуваат во Атина за да го утврдат напредокот на Грција во спроведувањето на реформите. Фискалните показатели се подобруваат, но финансиската криза зема огромен социјален данок. Стапката на невработеност достигна 28 проценти што е рекорд во еврозоната.

Грција зависи од помошта на Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и земјите од еврозоната. Таа за возврат спроведува строги реформи со масовни отпуштања од управата и државниот сектор, намалување на буџетските расходи и платите и зголемување на даноците.