1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Судири во Атина

На протестите против мерките за штедење на грчката влада дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите во Атина.

Полицијата во Атина употреби солзавец и спреј за самоодбрана против повеќе стотици демонстранти, откако протестите во близина на парламентот ескалираа. Демонстрантите фрлаа со шишиња, камења и молотови коктели, а палеа и дрвја.

На протестите во рамки на 24-часовниот генерален штрајк во земјата учествуваа околу 50.000 луѓе. Поради штрајкот, има големи попречувања на сообраќајот. Откажани се извесен број летови, а не возат ниту траектите кои ги поврзуваат островите со копното. Ова е првиот генерален штрајк во земјата по преземањето на власта од страна на владата на Андонис Самарас.

Владата во Атина во моментов работи на нов пакет мерки за штедење, кои треба да донесат заштеда од 11,5 милијарди евра. Се планираат натамошни кратења на платите, пензиите и социјалните услуги. Владата е под притисок на таканаречената Тројка, составена од експерти на ЕУ, ЕЦБ и ММФ. Во Атина се вели дека премиерот Самарас и министерот за финансии Стурнарас вчера (25.09.) одржале ненајавена средба на која постигнале согласност за мерките за штедење и тие предлози сега ќе им ги поднесат на коалиционите партнери. Пред за тоа да гласа парламентот, согласност треба да даде Тројката. Експертите на Тројката во Атина се враќаат во недела (30.09.).