1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Судирите ги поттикнуваат неспособни политичари

Една недела по повторното избувнување борби меѓу муслиманските и христијанските групи во Нигерија, има извештаи за нов масакр во селата околу градот Јос, во кој минатите денови контролата ја презеде војската.

default

Бегалци од градот Јос

Според организацијата Хјуман Рајтс Воч, само во село на 30 километри од Јос се откриени 150 тела, фрлени околу изворите и каналите. Голем дел од селското население, претежно муслиманско, се води за исчезнато.

Никој, пак, нема точни податоци за бројот на жртвите во судирите меѓу христијаните и муслиманите во градот Јос. Некои тврдат дека се 160, според други има 300 загинати. Илјадници луѓе оттаму побегнаа поради насилствата.

Доказ за стравично насилство

Урнати куќи, запалени камиони, луѓе со завои на главите, расплакани жени - сликите кои стигнуваат од Јос се доказ за шокантното ниво на насилство од претходните денови. Војската повторно воспостави ред и мир, а од под урнатините се извлекуваат телата на жртвите.

Абдул Умар, кризен менаџер во Црвениот крст за БиБиСи вели:

Nigeria Unruhen Militär bei Jos

„Околу 17 илјади бегалци сместивме во 16 прифатни логори. Има многу ранети, многу загинати. Поголемиот дел од луѓето се во логорите, само мал број од нив се враќаат во домовите.“

За мнозинството жители на Јос ова насилство не е премиера. Во ноември 2008 година, во судирите меѓу муслиманите и христијаните, загинаа стотици луѓе, а верските лидери од двете страни тврдеа дека верската толеранција не е повод за крвавите пресметки.

Судири поради природните ресурси

Вистинските причини се малку покомплицирани. Се работи за судир на интереси околу природните ресурси. Тоа е примарната причина за етничките конфликти во африканската држава. Се‘ повеќе муслимани од етничката група Хауса ги напушта селските заедници и заминува во градовите. Таму, пак, ги третираат како граѓани од втора класа. „Селаните“ не можат да најдат работа, а не се застапени ниту во административниот апарат. Политичарите, за работата да биде уште полоша, долеаја масло на огнот со религиозни аргументи, вели имамот Мохамед Ашафа:

Nigeria Unruhen zwerstörtes Haus in Jos

Уништени куќи во Јос

„Многумина наши политичари немаат програми. Кога немаат одговор на добар аргумент, кога немаат што да му понудат на народот, тврдат дека се дискриминирани зашто се муслимани. Или затоа што се христијани. Се работи за негативни стереотипи.“

Никој не сноси одговорност

Организацијата Хјуман Рајст Воч критикува што по минатогодишните безредија никој не сноси правна одговорност.

Тоа сега би требало да се промени, тврди нигерискиот потпретседател Гудлак Џонатан и ги повикува етничките и религиозни водачи да не ја влошуваат атмосферата меѓу народот со неодговорни изјави:

„Безбедносните сили внимателно го следат однесувањето на тие луѓе. Сите кои со зборови или дела предизвикуваат насилства, ќе бидат брзо фатени и ќе одговараат.“

Неговите зборови добро звучат. Но, во пракса, владата на Нигерија никому не му влева страв в коски. Претседателот на државата, Умару Јар Адуа веќе неколку месеци е на лекување во Саудиска Арабија поради проблеми со срцето, а тврдоглаво одбива да ја предаде власта на заменикот. Во државата има безвластие. Многумина стравуваат дека нема долго да помине до следната етничка криза.

Автор: Марк Дуге/дпа/Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска