1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Судењето на Санадер не предизвика катарза

Иако судењето на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер несомнено може да се смета како голем чекор во борбата против корупцијата, хрватските граѓани не ликуваат.

„Судење на столетието“ и „Мајка на сите афери“ се само дел од насловите со кои хрватските новинари го опишаа процесот во кој поради грабеж на државни претпријатија му се суди на некогаш омилениот премиер Иво Санадер. Освен него, на обвинителна клупа се уште четири лица, но и партијата што тој ја водеше - Хрватската демократска заедница (ХДЗ), до неодамна недопирлива политичка организација, која, според обвинението, исто така наголемо се „офајдила“ од јавните пари. Иако на набљудувачите од страна постапката против, до неодамна , најмоќниот човек во државата и самата партија која го создаде, се чини како доволна причина за оптимизам и враќање на довербата во правосудството, хрватските граѓани не мислат така.

На граѓаните им е поважна сопствената егзистенција

Политикологот и декан на загрепскиот Факултет за политички науки, Ненад Закошек, прави разлика меѓу реакциите на граѓаните и реакциите на стручната јавност и на специјалистите за демократски институции и правна држава. Во разговорот за ДВ тој објаснува дека судењето е задоцнето, најмногу поради политичките интервенции во судството, па граѓаните се скептични и допуштаат можност поранешниот премиер, иако недвосмислено го товарат бивши соработници кои се исто така обвинети, сепак некако да се извлече.

Nenad Zakosek

Ненад Закошек

Судењето е поправен испит за правосудството, со оглед на тоа што истражувањата кои ги спроведе факултетот покажуваат дека на хрватските судови не им се верува, што и не е тешко да се разбере со оглед на бројните случаи на корумпирани судии. „Тоа е хипотека за која треба да се биде свесен, но случувањата во последните три години покажуваат дека државното обвинителство и низа судови можат да дејствуваат независно“, вели Закошек.

Втората голема причина за рамнодушност треба да се бара во општата депресија во општеството и загриженоста за економската ситуација и последиците на кризата, чија што причина делумно е и корумпираната власт на Санадер. Јавноста, вели овој политиколог, прифатила дека владата дејствува одвоено од правосудството, за кое се очекува конечно да функционира самостојно. Поради тоа, поголемиот дел од очекувањата е насочен кон гарнитурата на премиерот Зоран Милановиќ, од која и по првите сто дена владеење се‘ уште се очекува решение на тешката економска ситуација и добар начин на распоредување на товарот за излез од кризата.

Корумпираните структури се и натаму нечепнати

Новинарот и автор на книгата „Како Иво Санадер ја ограби Хрватска“, Дражен Рајковиќ, исто така смета дека судењето на Санадер не предизвика катарза, ниту пресвртен момент на оптимизам во Хрватска поради стравот и неизвеснота за сопствената егзистенција. „Судењето на Санадер, тешко 31 милиони куни, на ниту еден начин не може да ја покрие штетата која настана во неговиот шестгодишен мандат, а која ја проценив на најмалку 100 милијарди куни.“

Zagreb, Kroatien Trg bana Jelacica

Граѓаните на Хрватска се плашат за својата егзистенција, вели Рајковиќ

Овој автор за ДВ вели дека истрагата се‘ уште не го ни чепнала корупцискиот октопод на поранешниот премиер и тврди дека „главните играчи“ се и натаму на сцена. „Од другата страна на слабата држава се олигополите, банките, финансиските моќници и силните градежни лобија кои извлекоа огромни дивиденди од комотната соработка со Санадер. Од нив никој не одговарал, а таа структура постои и натаму. Затоа навистина не знам од каде граѓаните би црпеле оптимизам“, вели Рајковиќ.

За разлика од воздржаните хрватски граѓани, странските медиуми во судењето сепак гледаат бацил на позитивни промени, но тоа, како што оценува професор Закошек, е затоа што нивните интерпретации се поблиску до ставовите на стручната јавност и аналитичарите кои се занимаваат со функционирањето на демократските институции. „Ако Хрватска по нешто е слична на другите балкански земји, а можеби и на постсоцијалистичките земји на источна Европа, тогаш тоа е ендемичната корупција и злоупотреба на власта од страна на владејачките елити.“ Ситуацијата е можеби и полоша отколку во низа земји источно и јужно од Хрватска, но Хрватска во овој момент сепак се издвојува по фактот дека го стави под знак прашалник тој модел на злоупотреба на власта и создаде темел за пресврт во практикувањето на власта меѓу припадниците на политичките елити.