1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Судењето за корупција се сели во Лондон

На тројцата директори на Маѓар Телеком кои се обвинети дека корумпирале функционери во македонската влада заради повластен третман ќе им се суди во Лондон. Случајот досега се водеше пред суд во Њујорк

Претставници на американската Комисија за хартии од вредност (СЕЦ) меѓу 5 и 7 ноември во Лондон ќе се соочат со тројцата директори на Маѓар Телеком, обвинети дека корумпирале високи функционери во претходната македонска влада.

Судијата Ричард Саливан од Јужниот окружен суд во Њујорк пред неколку дена донел одлука дека тројцата обвинети, Елек Штрауб, Тамас Морваи и Андраш Балог, ќе мора да се соочат со претставниците на обвинителите од СЕЦ и да дадат исказ. На соочувањето кое ќе се организира во Лондон, нема да присуствува претставник на судот, но исказите ќе може да се употребат во текот на судењето. Адвокатите од Вашингтон и Њујорк, кои ги бранат тројцата обвинети унгарски директори, изјавиле дека тие ќе се бранат со молчење, на што имаат право според американскиот Устав.

„Обвинетите велат дека ќе се повикаат на своето право да се бранат со молчење во сите, освен во најпрвичните прашања. Комисијата за хартии од вредност планира да го предизвика ова нивно право“, изјавиле претставниците на СЕЦ, кои веќе со години го водат случајот против Маѓар Телеком.

Судијата Саливан постави рок до крајот на јануари 2015. година за завршување на процесот, поради што се очекува дека ова сослушување нема да биде последно. По сослушувањето, почнува фазата на изнесување на доказите пред судот. Во СЕЦ и во Јавното обвинителство на САД одбиваат да зборуваат за овој случај и да изнесат повеќе детали за карактерот на доказите кои ги поседуваат за да го докажат потплатувањето на македонската влада во 2005. година, а засега и обвинетите Штрауб, Морваи и Балог се бранат со молчење. Адвокатите на тројцата обвинети побарале соочувањето да се организира во Будимпешта, за нивните клиенти да се поштедат од долгиот пат до Њујорк или Лондон. Адвокатите наведуваат голем број лични причини на тројцата обвинети зошто не можат да дојдат во Њујорк.

Тројцата менаџери на Маѓар Телеком, компанијата – ќерка на германскиот Дојче Телеком, која ги купи Македонски Телекомуникации, се обвинети дека во 2005. година исплатиле мито на високи претставници на македонската влада, на водечки претставник на владејачката партија СДСМ, како и на главниот албански коалициски партнер ДУИ, со цел да спречат спроведување на законската обврска на Владата да дозволи влез на нови телекомуникациски оператори во земјата, кои како конкуренција на доминантните Македонски Телекомуникации би можеле да преземат дел од пазарот и да ги соборат цените за корисниците. Ова е втор процес кој СЕЦ го води во Њујорк против Маѓар Телеком и Дојче Телеком – во првиот процес унгарската и германската компанија се согласија да платат 95 милиони долари.