1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Судар во вселената на нашата галаксија и Андромеда

Американските научници од НАСА дојдоа до ново сознание - на Млечниот пат му претстои судар. Но за децата и за внуците не треба да се плашиме.

Судбината на нашата галаксија е запечатена. Така барем тврди Хабл. „Хабл“ е вселенскиот телексоп на американската вселенска агенција НАСА и измери дека Млечниот пат ќе се судри со соседната галаксија Андромеда. По сударот веќе ништо нема да биде исто. За среќа, тоа нема да се случи за неколку дена, туку дури за четири милијарди години.

Астрономите одамна знаат дека галаксијата Андромеда и Млечниот пат се приближуваат. Двете „итаат“ со околу 400.000 километри на час една кон друга. Досега, меѓутоа, беше нејасно дали тие директно ќе се судрат, само ќе се допрат или можеби сосема ќе се промашат, затоа што не беше позната точната насока на Андромеда. Тоа, благодарение на „Хабл“, сега е поинаку и се знае конечно како ќе изгледа иднината: „По шпекулации од речиси цел век околу судбината на галаксијата Андромеда и нашата галаксија Млечен пат, конечно имаме јасна слика за тоа што ќе се случи во наредните милијарди години“, изјави Сангмо Тони Сон од институтот Спејс Телескоп Сајенс во Балтимор.

Научниците се одушевени. Со помош на „Хабл“ првпат е можно да се измери и страничното движење на Андромеда, нагласува раководителот на тимот на институтот од Балтимор, Роланд ван дер Марел: „Со сударот двете спирални галаксии ќе се претопат во една нова голема елипсоидна галаксија“. Нашиот Сончев систем веројатно ќе биде катапултиран на сосема друго место во новата претопена галаксија, но како што се претпоставува, нема да биде уништен.