1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Стурнарас тврди дека на Грција нема да и‘ треба нов пакет мерки за спас

Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ тврди дека Грција може да излезе на крај и без трет пакет мерки помош.

„Нашиот примарен буџетски суфицит е многу повисок од очекуваното“, вели министерот Јанис Стурнарас за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Тој признава дека се‘ уште не може да даде точен податок и број, „но тоа ќе биде големо изненадување“. „Кога првпат ја слушнав бројката, не можев да верувам“, вели грчкиот министер за финансии.

Во т.н. примарен буџетски суфицит не се земаат предвид каматите што една држава ги плаќа на земените кредити. На крајот на јануари грчкиот премиер Андонис Самарас зборуваше за примарен суфицит во 2013 година од една милијарда евра.

Сепак, Грција и натаму има огромна планина долгови. Причините за кризата се во меѓувреме отстранети, тврди министерот за финансии Стурнарас за весникот ФАЦ. Меѓутоа, како што вели тој, евро-државите со продолжување на рокот на отплата на кредитите, кои на земјата и‘ се дадени за справување со должничката криза, би можеле да дадат сигнал кој би ја релаксирал ситуацијата во земјата пред комуналните и европските избори во мај. Во спротивно, радикалните сили во Грција би можеле да добијат на полет, оценува министерот за финансии.

Symbolbild Sammelpaket Euroländer Eurokrise

Нема потреба од нов пакет за спас?

Стурнарас на еден меѓународен форум изрази остра критка на сметка на Тројката (ЕУ, ММФ, ЕЦБ). „Тројката со своите прогнози трагично промаши“, рече тој. Во септември 2013 година инвеститорите му доставиле свој документ со прогнози за развојот на буџетот, од кој произлегувало дека земјата во 2014 година ќе има потреба од дополнителни мерки за штедење во висина од три милијарди евра. „Ќе беше катастрофално ако тоа го прифатев“, оценува Стурнарас.

Генералниот директор на Европскиот уред за статистика, Евростат, Валтер Радермахер, ги амортизира големите грчки очекувања. „Се‘ уште нема конечни бројки за дефицитот и состојбата со долговите за 2013 година“, изјави тој за „Зиддојче цајтунг“. Конечните податоци ќе бидат познати на крајот на март. „Се‘ дотогаш, сите останати податоци што ќе бидат објавени се чиста шпекулација“, изјави тој.