1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Студот не попушта

Студениот бран и натаму држи во цврста прегратка големи делови на Европа. Особено погодена е Источна Европа, каде досега од последици од студот починаа најмалку 190 луѓе, од кои во најголем дел во Украина.

Во рок од 24 часа, само во Украина починале 38 лица, со што бројот жртви од студот во оваа земја се искачи на 101 лице. Државата ја доживува најстудената зима во последните шест години. Најголемиот број од настраданите се бездомници.

Во Романија студот ги погодува пред се‘ децата. Четиримесечно бебе замрзнало во незагреан стан, при температури од минус 20 степени. Властите проценуваат дека студот им се заканува на околу 150 илјади деца.

Во северниот дел од Словачка температурите паднаа на минус 37 степени Целзиусови. Во Германија ноќеска беа измерени температури до минус 20 степени.

Поради ниските температури во Русија, рускиот монополист „Гаспром“ ги подзатвори славините и испорачува помали количества гас кон Европа. Кон Германија стигнува околу една третина помало количество гас.

Портпарол на еврокомесарот за енергија Гинтер Етингер соопшти дека „Гаспром“ навремено известил за промената, која е во согласност со постоечките договори за ваков случај, кои предвидуваат „извесна флексибилност“. Помалку гас стигнува и до Австрија, Италија, Грција, Унгарија, Бугарија, Словачка и Романија. Но, од сите овие земји и од Брисел тврдат дека засега нема да настанат проблеми за граѓаните и другите потрошувачи, поради постоење доволно резерви на гас.

Автор: ЖА/ЕМФ/ртре/дв

Редактор: Е. Милошевска Фиданоска