1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Студија за млади муслимани предизикува контроверзи

Една студија за младите муслимани во Германија предизвика жестока дискусија во јавноста. Според истражувањето една четвртина од испитаниците немаат желба за интеграција. Студијата наидува и на критика.

Истражувањето спроведено по налог на Министерството за внатрешни работи на Германија покажува дека една четвртина од испитаниците на возраст од 14 до 32 години без германски пасош не покажуваат подготвеност да се интегрираат.

Hans-Peter Friedrich Debat über Rechtsextremismus im Bundestag in Berlin

Министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих

Сојузниот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих изрази зачуденост, што според студијата, објавена вчера (01.03), 24 проценти од младите муслимани имаат одбивност кон Западот. Претходно за весникот „Билд“ се изјасни дека Германија ги почитува потеклото и идентитетот на своите доселеници: „Но не акцептираме внесување на авторитарни, антидемократски и религиозно-фанатички гледишта“, смета Фридрих. Пратеникот Ханс Петер Ул одговорен за внатрешна политика во пратеничката група ЦДУ/ ЦСУ за „Оснабрикер цајтунг“ изјави дека е запрепастен од високиот број на муслимани кои не се интегрирани или немаат желба за интеграција.

Според проценките на Сојузната служба за миграција и беглаци во Германија кон исламот се приклонуваат околу четири милиони луѓе. Речиси половината од нив имаат германско државјанство. Во сега објавената студија „Животните светови на младите муслимани во Германија“ телефонски биле анкетирани 700 млади германски и не германски муслимани. Кон ова биле анализирани 692 телевизиски прилози од дневниците. Оние кои немаат воља за интеграција меѓу испитаниците во истражувањето се карактеризирани како „строго религиозни, со силно изразена одбивност кон Западот, тенеденциозно акцептирање на насилството и без тенденција за интеграција.“

Студијата не е од помош

Serkan Tören FDP Bundestagsabgeordneter

Пратеникот Серкан Терен

Критика за оваа студија меѓу другите дојде и од ФДП. Серкан Терен одговорен за политиката на интеграција во редовите на Либералите во разговор со Дојче веле нагласи дека во студијата постои иритирачка поврзаност меѓу религијата и подготвеноста за насилство, за што постоеле тврдења и во минатото: „Честопати религиозноста се мери таму, каде воопшто не може да биде мерена“. За Терен истражувањето затоа не донесе никавки нови резултати. Други студии веќе одамна покажаа дека ако попрецизно се испита ставот на поединците постојат многу индивидуални причини. Произнесувањето за исламот за многу млади муслимани е чин на разграничување за да го зајакнат сопствениот идентитет, ништо повеќе. „Што треба да извлече од оваа студија? За нашата безбедност тоа не носи ништо“, критикуваше политичарот од ФДП.

Погрешни етикети

Tag der offenen Moschee Köln

Млади муслимани во џамија во Келн

Доцентот за религиозни науки на универзитетот во Оснабрик, Рауф Цејлан исто така ја критикува студијата и начинот на нејзиното објавување. Со години дебатата за интеграција, важна сама по себе, се редуцира на „етикетата ислам“. Многу млади муслимани ја презеле оваа етикета и се произнесувале како приврзаници на исламот, без вистински да го поседуваат ова религиозно убедување. „Овдека е важно, што луѓето сфаќаат под тоа, кога велат дека се приврзаници на исламот“, нагласи Цејлан во разговор со ДВ „најчесто социјалната ситуација на младите муслимани одлучува за нивниот став“. Но, онака како што е објавено во студијата речиси и да не постои можност за диференцирање. Кај повеќето остануваат само насловите „невољни за интеграција и ислам“, со жалење констатира научникот и бара „дебатата за интеграција мора да се води поинаку, и тоа со поглед на образованието, сиромаштијата учеството во општеството. Религијата е само една од многуте причини“.

Психологот Волфганг Фринте од Јена, кој во голема мерка беше вкулучен во испитувањето, за агенцијата дпа изјави дека бројките до кои сега е дојдено не се изненадување за него. Доколку бидат вклучени генерациите на родителите и нивните родители, тогаш се покажува дека уделот на радикалната ориентација опаѓа и муслиманите значително се дистанцираат од исламскиот тероризам.

Независно од резултатите студијата уште сега покажува, колку внимателно треба да се третира интерпретацијата на резултатите. Многу зависи од поставувањето на прашањата, но и од тоа што ќе биде истакнато во јавноста. Имено сегашното испитување покажува дека најголемиот дел од младите муслимани се задоволни од Германија и нејзиниот демократски систем и ништо не им значи фанатичниот ислам.

Автор: Гинтер Биркеншток/ Александра Трајковка

Редактор: Борис Георгиевски