1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Студија: Германците ги сакаат полицајците

Германците радо раскажуваат вицеви на сметка на полицајците. Сепак, тие имаат повеќе доверба во овие службеници отколку во која било друга инститиција, покажува најнова студија.

Најчеста тема на шеги, на подбивни песни и критика - ако се суди според народните изреки и медиумското ехо, полицијата во Германија има сомнителен углед. Пред се‘ по демонстрациите за проектот „Штутгарт21“, железничката станица во Штутгарт, беа гласни обвинувањата за премногу ригорозен настап на полицијата. Но, студија на Друштвото за истражување на потрошувачката (ГфК) покажува дека сликата за полицијата не страдала поради овие критики.

Согласно бројките од Глобалниот извештај за довербата во 2013. година, ниту една институција во Германија не ужива поголем углед. Дури 81 процент од испитаните има доверба во полицијата. За споредба, во банките и осигурителните компании доверба имаат само 29 проценти од испитаниците.

Типично германски

Феноменот може да се означи како типично германски, зашто во другите земји овие вредности изгледаат поинаку. Во светски рамки, кај браншите забавната електроника е на прво место, а кај институциите - војската.

„Кај Германците најголема доверба уживаат занаетчиите и полицијата“, објаснува деловниот раководител на ГфК, Рајмунд Вилднер во разговор за Дојче веле. ГфК анкетирал околу 28 илјади луѓе во 25 држави. На анкетниот лист биле вреднувани12 институции и 11 бранши.

Шефот на синдикатот на полицијата Бернард Витхаут причината пред се‘ ја гледа во непоткупливоста, посебно во споредба со другите земји:

„Мислам дека полицијата во Европа генерално ужива добар углед, но, посебно во источноевропските земји, има многу обвинувања и задршки. Голема улога тука играат корупцијата, поткупливоста“.

Ниска корумпираност

Изјави на Витхаут ги потврдува и Вилднер:

„Довербата во полицијата е во корелација со општото ниво на корупција во одделна држава, тоа го докажува и Транспаренси интернешнл“, вели тој.

Слично како колегите во Германија високо се вреднувани и полицајците во Шведска, Канада и Австралија. Во САД и во Велика Британија има исто така високо ниво на доверба од 80 проценти.

„На другата страна се земјите како Италија, Полска и Русија, со доверба меѓу 55 и 58 проценти“, истакнува Вилднер. Најлош имиџ има полицијата во Нигерија, 11 насто, во Аргентина - 28, а во Индонезија - 34 проценти.

Транспарентноста носи доверба

За шефот на синдикатот на полицијата Витхаут, покрај корупцијата, голема улога игра и односот кон сопствените грешки. Пред неколку дена светот го обиколи фотографија на жена со темни подливи и модрици на лицето. 22-годишната жена од Минхен била тепана во полициска станица. Дали се работело за самоодбрана на полицијата, не е разјаснето. И организацијата за човекови права Амнести интернешнл во својата стурдија „Непознат сторител“ регистрира се‘ повеќе злоупотреби.

„Се обидуваме ваквите случаи отпосле да подлежат најмалку на една парламентарна контрола“, вели Витхаут. Важно е прифаќање на критиката и разјаснувањена случаите. И експертот Вилднер овој приод го смета за еден од најважните инструменти за зачувување на довербата:

„Секогаш е важен начинот на кој се приоѓа кон овие случувања. Ако се прифати дека тие постојат, но потоа има реперкусии, тогаш може да се каже дека организацијата во целина постапила правилно“.

Deutschland Polizei Bernhard Witthaut Vorsitzender

Бернард Витхаут

Обидите за прикривање, напротив, целосно ја поткопуваат довербата, како кај скандалите со злоставувањата и сексуалната злоупотреба во црквата.

Вицкаста полиција наместо вицеви за полицајците

Натамошни претпоставки за доверба се компетентноста, самоконтролата и хуморот, верува Витхаут. Така, кај хамбуршката полиција се користат твитови, односно дигитални кратки вести за вицкасти акции:

„Малку хумор во многу ситуации помага за спречување ескалација“, вели тој. Малку поопуштена комуникација во меѓувреме е вообичаена и во другите држави. Полицијата во Осло неодамна дури беше и наградена за тоа на „Соушл медиа дејс“.

Германскиот слоган „Полицијата - твој пријател и помошник“, се чини наидува на се‘ поголемо одобрување. Неа ја смислил во 1926 година по повод полициска изложба Алберт Грцезински, своевремно пруски министер за внатрешни работи. Но, очигледно, слоганот останал во сеќавањето на Германците до денес.