1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Студираат во Македонија, копнеат за живот надвор од неа

Неделава започнува уписниот рок на универзитетите во Македонија. Постои расчекор во понудата на високо образован кадар и пазарот на труд. Земјата е исправена пред предизвикот како да го сопре одливот на мозоци.

Во Македонија недостигаат дипломирани градежни инженери, програмери, фармацевти, компјутерски инженери, професори по математика и ветеринари. На претек ги има правниците, економистите, административците, професорите по македонски, филозофија и географија. Средното образовани е задолжително, а речиси во секој град има дисперзиран факултет. На петте државни универзитети во Република Македонија има околу 29.000 слободни места за идните бруцоши. Од нив 17.371 за редовните студенти во државна квота, 7.805 слободни места за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и останатите се за вонредни студенти. На приватните универзитети ќе има околу 6.000 нови слободни места.

Што побрзо надвор од Македонија

„Можеби звучи жално, но во иднина се гледам надвор од Македонија, а не во неа. Живеев и учев во Америка. Се навикнав и посигурна иднина гледам надвор од тука“, вели Емилија која последните две години од средното образование ги заврши во Портланд. Слично размислува и Александра: „Планирам да студирам во Австралија, па ќе видиме. Завршив за медицинска сестра. Сакам да се усовршувам таму“.

Studenten - Wirtschaft Fakultät

Универзитетот во Скопје

Има и такви кои ќе студираат во Македонија, а би живееле надвор од неа. „Сакам да се запишам на Филолошки факултет во Скопје. Би студирала англиски и евентуално албански јазик. Откако ќе завршам заминувам, најверојатно во САД“.

„Јас уште не сум сигурна, но ќе биде некој економски смер во Струга. За постдипломски планирам да заминам во странство. Засега остануваме во Македонија“, ни рекоа Александра Јакимоска и Миранда Асани.

Изјавите на охридските средношколки се потврда на неодамнешното истражување на Младинскиот образовен форум дека околу 50 проценти од средношколците во Македонија за десет години не се гледаат во неа. Магистер Ангел Јанев од Образовниот центар ПИ-СИ од Охрид со дведецениска традиција во работата укажува: „Повеќе од 55 проценти од посетителите на наставата во ПИ-СИ продолжуваат на техничките факултети. Еден помал дел на економско-правните науки, а најмал на јазичните и педагошките науки“. ПИ-СИ е гарант дека преку обуката, кандидатите лесно ќе се запишат на саканиот факултет. „Голем е бројот на учениците коишто сакаат да студираат во странство, но не можат. Статстички гледано најмногу ученици од Охрид студираат во Скопје, еден помал дел во странство и најмал дел остануваат во Охрид“, објаснува Јанев.

Запиште технолошки науки, апелира министерот

Universität Sv. Apostol Pavle

Универзитетот Свети Апостол Павле во Охрид

И министерот за образование Панче Кралев на идните бруцоши им порача да се насочат кон техничките науки. Зголемена е квотата за запишување и има 10.500 слободни места. По завршувањето ќе најделе побрзо работа, а најави и дека постепено ќе се намалува уписната квота на факултетите од општествените науки. Следејќи ги барањата на пазарот – информатичарите се на цена. Се поатрактивен за домашните и странските студенти е Универзитетот за информатички науки и технологии Свети Апостол Павле во Охрид којшто соработува со универзитети од САД, Израел и земјите од ЕУ.

„Сите 5 факултети се специјализирани во одредена област безбедност на компјутерските мрежи, компјутерско инженерство, мултимедија и визуелизација, роботика или вештачка интелгенција и новата студиска програма од годинава дигитална бизнис информатика“, вели доктор Устијана Речкоска Шикоска проректор за настава на универзитетот.

Македонија ги образува, светот ги користи

Државата се’ уште нема рецепет за одливот на кадри, но: „Одделувам најмлаку 5 до 10 минути од часот да им зборувам на студентите да веруваат во себе и квалитетот. Во она што го изучиле и тука да си ја најдат иднината. Искрено мислам така, бидејќи и сама сум го доживувала тоа. Сите сме имале одредени предизвици во својот живот, но сепак сме сфатиле дека тука ни е местото и дека можеме да бидеме среќни, успешни и задоволни и дека можеме да придонесеме за својот град и својата држава“, вели доктор Речкоска Шикоска.