1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Студентски домови: Нечовечки услови за живеење

Сликата за состојбата во која што се наоѓаат студентските домови во Скопје не е воопшто убава. Во четири од нив е нехумано да се живее. Само два студентски дома може да се каже дека ја исполнуваат функцијата.

default

Тоалет во студентскиот дом Гоце Делчев

Студентскиот дом Гоце Делчев, некогаш најрепрезентативно живеалиште за студентите, сега е во очајна состојба. Пред се’ санитарните чворови, кои не го исполнуваат ниту најосновниот хигиенски минимум. Сликата во Кузман Јосифовски Питу е слична. Наместо светли ходници, шок коридори со влажни ѕидови, испишани графити и огласи со пораки со содржини од типот: продавам неготинска ракија и црвено вино, хеланки за 250 денари, изработувам семинарски работи, продавам бонови за исхрана. Слика грда која што со години станува се’ подепресивна, место недостојно за живот на млади луѓе! Студентите се жалат на малите соби, на прозорците што не се отвораат, па велат дека на зима им е студено, а на лето премногу топло. Но, се плашат и за тие десетина „свои“ квадратни метри, бегаат од микрофонот, невозможно е да се добие соговорник на оваа тема.

Пристојни услови нудат студентскиот дом „Пелагонија“, кој до пред неколку години беше хотел и „Стив Наумов“, каде што во изминатите две години студентите од руинираните дрвени бараки се преселија во две нови згради. „Условите за живот во студентскиот дом „Стив Наумов“ се осетно подобрени, со оглед на тоа дека двете машки згради се реновирани. Споредено со старата состојба, сега е доста подобро. Значи потопли се собите, донесен е нов мебел“, вели студент кој не сакаше да го открие идентитетот.

Проблемот е повеќестран

Се појавува ли надеж и за студентите жители на домот „Медицинар“, чија состојба исто така многу лоша. Деновиве министерот за образование и наука Никола Тодоров

Unmenschliche Wohnbedingungen in Studentenwohnheimen in Skopje

Барака на студентскиот дом Медицинар

објави дека веке е распишан тендер за изградба на нови објекти во рамките на студенскиот дом „Стив Наумов“ во кои што би се вселиле студентите од „Медицинар“. „Она што е наша цел со овој проект е да направиме целосна реконструкција на овие бараки и да го ставиме вон употреба студентскиот дом ’Медицинар’, кој што сега егзистира и кој е во нај лоша состојба и мислам дека тој е последниот дом што треба да биде затворен“.

За причините за лошата состојба во студентските домови истражуваше невладината организација МОФ. „Проблемот никогаш не е од една страна. Прашањето е каде е поголема вината. Ова истражување покажува дека вината е поголема кај одговорните, односно тие кои ги водат студентските домови и се одговорни за нивно одржување. Дури и студентите да се однесуваат неодговорно институциите се тие кои треба да превземат нешто за да се одржуваат условите“, вели Иван Мичковски- учесник во истражувањето МОФ.

Побаравме мислење и од Крешимир Павиќ директор на државниот Студентски центар- Скопје. Тој е одговорен за четри студентски домови. Вака ја коментира состојбата: „Тоа се стари згради, изградени пред повеќе од 50 години и на сите им треба реконструкција, само што физички не е изводливо да се започне реконструкција на сите домови во иста година, бидејќи нема каде да се сместат студентите.“

Unmenschliche Wohnbedingungen in Studentenwohnheimen in Skopje

Ходник во студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу

Месечниот надомест, што го плаќаат студентите е од 3400 до 3700 денари. За тоа добиваат кревет и два оброка дневно. Државата партиципира уште со 3410 денари за секого. Математиката вели дека од вкупно 4800-те студенти секој дом месечно инкасира околу 90 илјади евра. Според Крешимир Павиќ ова е недоволно за да се подобри моментната состојба. Тој мисли дека секој студент треба да плати двојно повеќе за да можат домовите нормално да функционираат.

Корупција во студентските домови?

Иако студентите се соочени со лошите физички услови во домовите, интересот за добивање на простор во домовите е голем, а патот да се стигне до клуч е тежок. Има индиции за нерегуларности во начинот на распределбата на собите. Во истражувањето на невладината МОФ, 44 отсто од студентите истакнуваат дека постои корупција во домовите, а третина од нив сметаат дека 30 до 50 проценти од леглата во домовите се стекнати по нелегален пат.

Unmenschliche Wohnbedingungen in Studentenwohnheimen in Skopje

Ходник во студентскиот дом Гоце Делчев

„Главни причини за корупција се преголемото политичко влијание врз водењето на студентските домови- тоа го наведуваат самите студенти. Друга причина е недоволните напори на оние кои ги управуваат студентските домови да ги информираат студентите за тоа каде да пријават корупција и како да постапат во случај на корупција и т.н.“, вели Иван Мицковски од МОФ.

Но, директорот на Студентскиот центар Скопје Крешимир Павиќ е со спротивно мислење: „Порано и јас бев студент и имаше продажба на легла. Една од задачите за да дојдам овде беше се’ тоа да го укинеме. Во соработка со министерството и УСАИД се изработи софтвер за аплицирање за студентско легло. Ние сите легла ги објавуваме на конкурс, студентите конкурираат преку интернет, софтверот исфрла листи, потоа студентите поднесуваат документи во оригинална форама за да се утврди дали тоа што го поднесува студентот преку интернрт е точно и мислам дека со тоа веќе воопшто нема корупција околу продажбата на студентските легла“, истакнува Павиќ и додава дека за подобрување на состојбата потребна е поголема грижа од старна на одговорните, но и од студентите.

Автор: Владимир Калински

Редактор: Александра Трајковска