1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Студентски град во Софија- рај за забава

Некогашната безлична социјалистичка населба од бетонски станбени блокови под планината Витоша студентите во Софија со текот на времето ја претворија во едно од најживите места на Балканот и единствен феномен во Европа.

Анастасија и Тодор сакаат необични настапи. Тука, во јужниот дел на Софија, пронајдоа идеално место за тоа. Добредојдовте во Студентски град. И покрај едноличноста на бетонските згради - тука нема монотонија.

Овде живеат 30 илјади студенти, најголемиот дел во бетонските згради. Просечна возраст е 20 години. Ова е единствен феномен во Европа.

Анастасија, Тодор и Антоан немаат никаков проблем со социјалистичкиот имиџ на бетонските висококатници. А Студентски град совршено им одговара на нивните потреби.

25 евра за соба

„Токму ваквата чудесна мешавина ја прави посебноста на Студентски град. Тука можеш да најдеш се’: овде се факултетите и старите бетонски згради, но и еден куп места за забава - ресторани, кафулиња, дискотеки. Оваа разноликост нам на студентите ни дава супер можност да комуницираме и да стапуваме во контакт со други луѓе“, вели Антоан Шотаров. Тој е избран за претставник на студентите и се бори за интересите на младите луѓе во населбата.

Sofia Bulgarien Hauptstadt Skyline

Панорамска фотографија на Софија и планината Витоша

Шеесетте станбени блокови во подножјето на планината Витоша потекнуваат од времето на социјализмот. По пресвртот студентите ја претворија некогашната безлична населба во едно од најживите места на Балканот, и покрај тоа што многу згради се’ уште не се санирани. Антоан ја дели собата со цимер - како повеќето овде. За тоа плаќа околу 25 евра месечно. Нешто друго и не може да си дозволи со месечна стипендија од 60 евра. Затоа, покрај студирањето, мора и да подработува.

„Кога студираш, а покрај тоа и работиш и навечер спортуваш, тогаш не ти останува многу време што мораш да го поминуваш овде во собата и се’ едно ти е како таа изгледа“, вели Антоан.

Премногу лумпување?

И ова вечер Антоан не останува во собата. Со пријателот Бајчо оди на фудбал. Мнозинството жители на Студентски град меѓутоа има други планови. Ноќта тука е време за забава.

Среде населбата изникнаа безбројни клубови и дискотеки и постојано се отвораат нови. На забава во Студентски град доаѓаат луѓе од цела Бугарија, особено млади момчиња. Пијалоците се евтини, а бројот на студентки е посебно голем.

Забавата трае до утринските часови, а се’ почесто доаѓа до проблеми со алкохол и дроги. Неодамна имаше и еден смртен случај. Засилениот полициски надзор не помага, па се размислува за воведување забрана за ноќни забави.

За Студентски град тоа би бил тежок удар, бидејќи студентите не доаѓаат тука само за забава. Многу од нив работат во клубовите и рестораните. Без тие приходи не би можеле да си ги финансираат студиите.

А сопствениците на клубовите имаат уште еден практичен аргумент против забраната.

Symbolbild Tanzen Club Pop Musik Disko Diskokugel

„Ако навистина воведат пропис ноќните клубови да не смеат да работат по 22 часот, тогаш студентите ќе прават забави во нивните домови. Ќе настане тотален хаос во бетонските згради. Со тоа ништо нема да се подобри. Таа идеја е целосна глупост“, вели Кирил Златков, сопственик на дискотека во Студентски град.

Студентски град продолжува да пулсира

Наредното утро повеќето од студентите веќе одамна се на факултет. Но, и таму забраната за ноќно излегување е тема број еден. Се планира потпишување петиција против новиот пропис. За Антоан, претставникот на студентите, притоа во прашање е пред се’ имиџот на Студентски град.

„Добро знаеме дека не можеме само да се забавуваме и да пиеме, бидејќи како тогаш би студирале? Затоа го мразам тоа обвинување. Кога ќе им кажам на луѓето дека студирам и живеам во Студентски град обично велат ’Ах, Студентски град - таму само се пие и се лумпува!‘ На тоа можам само да кажам дека не е вистина“.

Антоан има намера да се бори за Студентски град, некогашниот град-модел во социјализмот, кој и 20 години по пресвртот се’ уште живее и пулсира. И тоа благодарение на студентите.